Висок претставник на Европската Унија во вторникот порача дека правилата на ЕУ за модерирање на содржина, дигитална конкуренција и вештачка интелигенција се исклучени од преговорите за трговија со Соединетите Американски Држави.
Изјавата на технолошката шефица на Европската Комисија, Хена Виркунен, доаѓа недела дена по извештај на Public Policy Solutions, кој заклучи дека овие европски правила ја ставаат Американската индустрија во неповолна позиција, додека пак Кина добива слободен пристап.
Законот за дигитални услуги, Законот за дигитални пазари и AИ Законот се исклучително важни за нас, бидејќи обезбедуваат дека го имаме неопходното ниво на доверба во технологијата. Затоа, тие не се дел од нашите трговски преговори.
Оваа изјава на ЕУ доаѓа пред состанокот во четврток меѓу еврокомесарот за трговија Марош Шефчович и американскиот претставник за трговија Џејмисон Грир, чии резултати следниот ден ќе бидат споделени со земјите-членки на ЕУ.
Администрацијата на Доналд Трамп се противи на технолошките правила на ЕУ во рамките на трговските преговори, тврдејќи дека Законот за дигитални услуги цензурира американски интереси, а Дигиталниот пазарен закон таргетира американски компании што работат во Европа. Актот за вештачка интелигенција, кој првпат ги регулира новите технологии, исто така доживеа критики од Вашингтон.
Тарифите на претседателот Доналд Трамп се уште една клучна точка на расправа меѓу двете страни. Доколку не се постигне компромис до 9 јули, Трамп се заканува дека ќе воведе реципроцитетна тарифа од 50% на сите европски извози кон САД.
ЕУ веќе се соочува со основна тарифа од 10% поставена од САД во април за повеќето трговски партнери, како и со 25% тарифа на автомобили и 50% тарифа на челик и алуминиум произведени во Унијата.
Виркунен ги брани технолошките правила на ЕУ, нагласувајќи дека се засновани на европските вредности. Ова потсетува на говорот на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен од 2019 година за „технолошки суверенитет“ во Европскиот парламент.
Мораме да имаме контрола и сопственост над клучните технологии во Европа. Тоа вклучува квантни компјутери, вештачка интелигенција, блокчејн и чип-технологии.
Од тогаш, ЕУ воведе даноци и регулативи што несразмерно ги засегаат американските технолошки и телекомуникациски компании.
Бројни ограничувања за приватност на податоци и онлајн-содржина се посочени во извештајот на Public Policy Solutions, во кој се сугерира дека ЕУ треба да работи кон слободен пазар, наместо да прави дискриминација кон американските дигитални компании.
Кога нашите европски партнери зборуваат за „дигитален суверенитет“, тие всушност мислат на тоа да го манипулираат дигиталниот пазар со цел да ги оневозможат американските компании и така да обезбедат предност за себе.
Организацијата предлага склучување трговски договор што ќе ги отстрани нетарифните бариери кои ја кочат американската иновација.
- Елиминирање на сите дискриминаторски даноци, казни и закони кон американските дигитални компании
- Откажување од неправедните регулативи
- Запирање на разгледувањето на Digital Network Act, кој (ако биде усвоен) би ги пренасочил средствата од американски компании кон европски
Долго време очекувавме недобронамерни и хищнички трговски практики од противници. Но, бевме премногу бавни да ги препознаеме и ограничиме сличните однесувања и кај Европа. За да воспоставиме рамнотежа во нашето партнерство со ЕУ, секој нов трговски договор мора да ги адресира нетарифните бариери како даноци за дигитални услуги и да стави крај на нивниот протекционистички пристап кон американските иноватори.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата