logo
logo
logo

ЕУ е подготвена да предложи нови санкции кон Иран и да ја прогласи Иранската револуционерна гарда за терористичка организација

Vecer | 12.01.2026

ЕУ е подготвена да предложи нови санкции кон Иран и да ја прогласи Иранската револуционерна гарда за терористичка организација

Европската унија е подготвена да предложи нови построги санкции поради насилното задушување на демонстрациите во Иран, како и вклучување на Иранската револуционерна гарда на својата листа на терористички организации, најави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Ануар ел Ануни.

- Европската Унија има правна рамка насочена кон санкционирање на сторителите на низа прекршувања и злоупотреби на човековите права, врз основа на која во изминативе години се преземени мерки против одреден број субјекти и поединци во Иран, рече Ел Ануни.

Кога станува збор конкретно за санкционирање на Иранската револуционерна гарда, тој потсети дека таа е веќе опфатена во целост со режимот на санкции поврзани со забраната за ширење на оружјето за масовно уништување, а нејзини претставници се и под санкции поради кршење на човековите права, поврзаност со иранската нуклеарна и балистичка ракетна програма, како и за поддршка на руската агресија против Украина.

- Сега се разгледува можноста за вклучување на Иранската револуционерна гарда на листата на терористички организации, позната и како терористичка листа на ЕУ. Тоа се дискутира во заднина меѓу државите членки според доверливи правила, како и што е утврдено и не можеме да се навлегуваме во детали во тој поглед. Но, според општите правила во однос на санкциите и режимот на санкциите на ЕУ, тие би требало да се донесат со одлука на земјите членки со консензус, додаде Ел Ануни.

Кога станува збор за политичкиот пристап на ЕУ кон Иран, Ел Ануни нагласи дека тој отсекогаш се базирал на принципот на „критички ангажиран“.

- Тоа значи тоа дека е критичен каде што е потребно и подготвен да се ангажира кога нашите интереси се усогласуваат, додаде Ел Ануни.

Запрашан дали ЕУ би поддржала евентуална воена интервенција на САД во Иран, како што викендов најави американскиот претседател Доналд Трамп, Ел Ануни одговори дека нема коментари за хипотетички сценарија.

Во однос на поддршка од ЕУ за доаѓање на власт на принцот Реза Пахлави, Ал Ануни рече иранскиот народ сам треба да реши кој ќе го претставува и тоа е сè што има да каже за тоа прашање.

На инсиситрање дали ЕУ е во контакт со Пахлави или со други претставници на иранската опозиција во егзил, главната портпаролка на ЕК, Паула Пињо рече дека не може да потврди „дека немало никаков контакт“, но дека не би сакала ни да даде какви било информации „кои не се апсолутно точни“.

- Преку дипломатија сме ангажирани со Иран со години и затоа даваме приоритет на дипломатскиот ангажман. Тука и нашиот повик до раководството на Иран да ги слуша своите луѓе на протестите кои повикуваат на промени, рече Пињо.

Таа додаде дека Европската комисија израза солидарност со исклучително храбрите граѓани во Иран – жени, мажи, млади луѓе, кои протестираат за својата слобода.

- Тие ја имаат целата наша поддршка и нашата солидарност затоа што ги ставаат своите животи во опасност. Како што гледаме, апсолутно неприфатливо е луѓе кои мирно демонстрираат за својата слобода се апсат и убиваат, рече Пињо.

Ел Ануни, пак, додаде дека Комисијата изразува целосна солидарност со иранскиот народ, ја осудува употребата на сила против демонстрантите и е згрозена од извештаите за жртви.

Тој најави и дека случувањата во Иран ќе бидат на дневниот ред на следниот Совет за надворешни работи на ЕУ што ќе се одржи на 29 јануари, а дотогаш Унијата ќе биде во постојан контакт со иранските власти преку претставништвото на Кипар во Техеран, бидејќи ЕУ нема своја делегација во градот. 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk