- Навистина сум сигурен дека Русија ќе продолжи со овие провокации. Ова не е за Естонија, ова е за единството на НАТО, како и за тестирање на нашите способности, но и на трансатлантското единство, изјави Чахкна за ДПА, на маргините на Дигиталниот самит во Талин.
Во септември, три руски борбени авиони влегле во воздушниот простор на земјата-членка на ЕУ и НАТО и се задржале околу 12 минути.
Владата во Талин побара итен состанок на Советот за безбедност на ОН и консултации со своите сојузници според Членот 4 од Договорот на НАТО.
Во последователна изјава, воената алијанса ја предупреди Русија од натамошни повреди на границата, заканувајќи се со употреба на сила.
- Реагиравме, мислам, на многу солиден начин, рече Чахкна, додавајќи дека НАТО покажало дека функционира добро, вклучително и преку итното пресретнување на руските авиони. „Сè беше под контрола. Немаше непосредна директна воена закана“.
Министерот посочи дека и по инцидентот, Алијансата покажала политичко единство и решителност.
Естонскиот министер за надворешни работи, заедно со Летонија и Литванија, повика мисијата на НАТО за надзор на балтичкиот воздушен простор да се претвори во вистинска одбранбена операција.
- Ние ја поддржуваме оваа идеја, рече Чахкна, нагласувајќи дека не е доволно само да се промени името на мисијата. Наместо тоа, таа мора да биде надградена со подобрени капацитети за противвоздушна одбрана.
Владите во Рига и Вилнус претходно се изјаснија за трансформирање на мисијата на НАТО за воздушен надзор на Балтикот во Мисија за противвоздушна одбрана.
Според заедничката мисија спроведена во 2004 година, сојузниците на НАТО наизменично обезбедуваат борбени авиони и персонал за вооружени заштитни летови. Трите балтички држави, кои граничат со Русија, немаат сопствени соодветни авиони за оваа задача.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата