logo
logo
logo

Ерменија е подготвена да прими 120.000 Ерменци, кои бегаат од Нагорно Карабах

Vecer | 24.09.2023

Ерменија е подготвена да прими 120.000 Ерменци, кои бегаат од Нагорно Карабах

Ерменскиот премиер Никол Пашинјан во обраќањето до нацијата рече дека земјата е подготвена да ги прифати етничките Ерменци од Нагорно-Карабах, откако тамошното раководство објави дека ќе ја напуштат покраината.

Безбедносните сојузи на кои припаѓаше Ерменија се покажаа неефикасни, рече Пашинјан во очигледната критика кон Русија, клучниот сојузник на Ереван.

Ерменија смета дека меѓународната заедница реагирала премногу бавно, а шефот на дипломатијата вчера во обраќањето до ОН повика на итно распоредување набљудувачи.

Ерменците од Карабах, територија меѓународно признаена како дел од Азербејџан, но не управувана од Баку по распадот на Советскиот Сојуз, беа принудени да прогласат прекин на огнот на 20 септември по 24-часовна операција на многу поголемата азербејџанска армија.

Азербејџан вели дека ќе ги гарантира нивните права и ќе ја интегрира покраината, но ерменското раководство во Карабах изјави дека ќе ја напушти областа.

Азербејџан постојано негира дека има намера да им наштети, туку велат дека Ерменците можат слободно да си заминат.

Ерменскиот министер за надворешни работи Арарат Мирзојан вчера се обрати пред Обединетите нации.

„Меѓународната заедница треба да вложи максимални напори веднаш да распореди мисија на ОН во Нагорно-Карабах со мандат да ги следи и проценува човековите права, хуманитарната и безбедносната ситуација на теренот“, рече Мирзојан пред ОН.

„Нашите луѓе не сакаат да живеат како дел од Азербејџан. Деведесет и девет цели девет отсто претпочитаат да ги напуштат нашите историски земји“, изјави Дејвид Бабајан, советник на Самвел Шарамјан, претседател на самонаречената „Република Арцах“.

Тој додаде дека не е јасно дали Ерменците ќе тргнат по патот Лачин што води кон Ерменија, каде Пашинјан се соочи со повици да се повлече поради неговиот неуспех да го спаси Карабах.

„Судбината на нашата несреќна нација ќе остане запаметена во историјата како понижување и срам за ерменскиот народ и за целиот цивилизиран свет“, рече Бабајан.

„Оние кои се одговорни за нашата судбина еден ден ќе мора да одговараат за своите гревови пред Бога“, додаде тој.

Процесот на предавање на оружјето на ерменските борци е во тек, рече Бабајан.

Егзодусот на толку многу луѓе од Карабах претставува нов пресврт во турбулентната историја на Нагорно-Карабах, со кој со векови владееле Персијците, Турците, Русите, Османлиите и Советите.

Тоа, исто така, може да го промени балансот на силите во Јужен Кавказ, етнички разновиден регион вкрстен со гасоводи и нафтоводи, каде што Русија, САД, Турција и Иран се борат за влијание.

Азербејџан, претежно муслиманска земја, рече дека Ерменците, кои се христијани, би можеле да заминат доколку сакаат. Пашинјан рече дека тие треба да останат освен ако останувањето би било опасно.

Медицинската евакуација од отцепената провинција се очекува да започне во текот на денот.

Ерменските власти во покраината доцна синоќа соопштија дека 150 тони хуманитарна помош од Русија и 65 тони брашно од Меѓународниот комитет на Црвениот крст пристигнале во провинцијата, каде што илјадници Ерменци останаа без храна.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk