Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган доби нов мандат по денешната победа во вториот круг од претседателските избори во Турција, според неофицијални резултати.
Резултатите на агенциите Анадолија и Анкара покажуваат дека Ердоган извојува тесна победа во вториот круг, победувајќи го својот ривал Кемал Киличдароглу.
Врховниот изборен совет на Турција допрва треба официјално да ги потврди овие резултати, но се чини дека Ердоган има околу 52 отсто од гласовите, додека Киличдароглу освои околу 48 отсто.
Поддржувачите на Ердоган почнаа да се собираат пред претседателската палата во Анкара, каде што започна прославата.
Турскиот јавен сервис ТРТ соопшти дека излезноста во вториот круг била нешто помала од првиот круг, бидејќи на гласање излегле 84,58 отсто од гласачите.
Право на глас во вториот круг од претседателските избори имаа над 64 милиони граѓани.
За гласачите во Турција беа поставени 191.885 гласачки кутии, а во вториот круг од изборите право на глас имаат дополнителни 47.523 гласачи, кои во меѓувреме наполнија 18 години.
Претседателот Ердоган им се обраќа на своите поддржувачи по првите резултати.
„Да даде Господ, ќе бидам достоен за вашата доверба како што бев во изминатите 21 година. Заедно сме до гроб“, рече Ердоган.
„Пред изборите реков дека оваа љубов не завршува тука. Чао, чао Кемал“, рече Ердоган.
Тој вели дека победата „ја отвори вратата за новиот турски век“.
„Главната опозиција ќе го смета мојот ривал одговорен за лошиот резултат“, додаде Ердоган.
https://youtu.be/Q9JfWIQs1ks
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата