Еквадорските безбедносни служби изведоа голема акција во југозападниот дел од земјата, при што беа запленети три тони кокаин со проценета вредност од околу 90 милиони долари.
Станува збор за дрога откриена на фарма во близина на градот Гвајакил, вешто сокриена во камион кој пренесувал банани подготвени за извоз. Пакетите кокаин биле обележани со различни логоа, што укажува на нивната наменета дестинација и мрежа на дистрибуција.
Според истражителите, оваа голема количина наркотици е во сопственост на албанска криминална група, позната по тесната соработка со колумбиски и мексикански нарко-картели. Оваа мрежа се смета за една од највлијателните и најорганизирани во глобалниот нелегален пазар на дрога.
Операцијата е резултат на долгорочна истрага и интензивна соработка на повеќе меѓународни институции. При акцијата се уапсени пет лица, а еквадорските власти оценуваат дека ова е значителен удар за албанската мафија, особено во делот на нивната логистика за транспорт низ Јужна Америка.
Истражните постапки продолжуваат за целосно откривање на сите структури поврзани со оваа криминална организација.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата