Соединетите Американски Држави се придружија на серијата израелски напади врз Иран, при што беа нападнати трите најзначајни нуклеарни постројки на територијата на Иран: Фордо, Натанз и Исфахан.
Американскиот претседател, Доналд Трамп, во телевизиско обраќање соопшти дека акцијата е успешна, нагласувајќи ја клучната вмешаност на американските трупи и најавувајќи можни дополнителни чекори ако постои иранска реакција. Според неговите зборови, на иранското раководство му останува да избере меѓу мир или несреќни последици.
„Нашата мисија беше да ги елиминираме иранските способности за збогатување ураниум и да го спречиме нуклеарното заканување од држава која стои зад многу терористички акции. Можам да потворам дека нападите резултираа со целосно уништување на стратешките капацитети на Иран. До иранското раководство порачувам – ако не го изберете патот на мирот, идните удари ќе бидат уште поразорни и полесни за изведување.“
Американските бомбардери Б-2, опремени со специјални 13-тони бомби наменети за уништување цели под површината, го нападнаа објектот Фордо – единствената инсталација сместена речиси 90 метри под земја, што беше недостапна за израелските сили. Вкупно 12 такви бомби биле искористени, но иранските власти се уште не ја објавиле процената за штетата.
Официјален Техеран само неколку часа по нападот најави дека американската операција ќе има долгорочни и сериозни последици. Шефот на иранската дипломатија го обвини Трамп за чин на предавство, укажувајќи на опасноста од вакви акции.
„Вашингтон, со своето воено и незаконско дејствување, сноси комплетна одговорност за сите негативни и далекусежни импликации на овие агресивни потези. Нападите врз територијалниот интегритет и суверенитет на држава членка на ОН, во сојуз со израелскиот режим, уште еднаш ја покажуваат непријателската политика кон мирољубивиот ирански народ, кој никогаш нема да попушти во одбрана на независноста.“
Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, изрази благодарност за американската помош и нагласи дека опасноста од иранската нуклеарна програма е алармирана уште пред дваесет години. По операцијата, истакна дека разговорот со Трамп бил топол и полн со меѓусебни честитки за успешната акција и соработка помеѓу двете земји.
„Веднаш по акцијата, добив телефонски повик од претседателот Трамп. Имавме исклучително топол разговор, при што изразивме заемна благодарност, како двајца сојузници во борбата за безбедност. Претседателот Трамп е непроценлив пријател на Израел.“
Меѓународната јавност внимателно ја следи потенцијалната реакција на Иран. Според проценките, иранското раководство има три главни избори: да не реагира, со што би го избегнало понатамошното ескалирање, но и можеби би ја засилило перцепцијата на слабост; да одговори веднаш со напад врз американски цели, со што ризикува целосна ескалација; или да го чека моментот и да изведе одложена, таргетирана одмазда.
Покрај овие напади, израелските воени операции против објекти во Иран продолжуваат, додека Иран возвраќа со ракетни напади врз израелски градови. Тензиите меѓу двете страни не стивнуваат, додека меѓународната заедница апелира за воздржаност и дипломатија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата