Францускиот претседател Емануел Макрон бара од ЕУ да го активира својот инструмент против принуда, таканаречената трговска „базука“, како одговор на заканите на американскиот претседател Доналд Трамп за царини поради Гренланд.
Во саботата, Трамп се закани дека ќе воведе царини за европските земји кои се спротивставуваат на неговите планови да ја преземе контролата врз Гренланд, што ги натера амбасадорите на ЕУ да свикаат итен состанок за недела, објавува Политико.
Кабинетот на Макрон објави во недела:
„Тој ќе биде во контакт со своите европски колеги во текот на целиот ден и ќе побара, во име на Франција, активирање на инструментот против принуда“.
Во саботата, Макрон одговори на заканите, велејќи дека се неприфатливи.
„Никакво заплашување или закана нема да влијае врз нас“, рече Макрон во објава на Твитер (X). „Европејците ќе одговорат на обединет и координиран начин... Ќе обезбедиме одржување на европскиот суверенитет“, додаде тој, објавува Индекс.
Сомнителен трговски договор
Според лице блиско до Макрон, пристапот на САД „ја доведува во прашање“ валидноста на трговскиот договор што Брисел и Вашингтон го постигнаа минатото лето.
Европскиот парламент е веќе подготвен да ја блокира ратификацијата на договорот, кој го потпишаа Трамп и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, минатиот јули. Лидерот на конзервативната партија, Манфред Вебер, во саботата изјави дека „во оваа фаза не е можно“ да се одобри договорот.
Механизам против принуда
Инструментот против принуда ѝ овозможува на ЕУ да преземе низа казнени трговски мерки против ривалите кои се обидуваат да го загрозат блокот. Мерките вклучуваат ограничувања на инвестициите, пристап до јавни набавки и заштита на интелектуалната сопственост.
Активирањето на овој механизам, првично дизајниран за непријателски држави, против најголемиот сојузник на ЕУ би бил значаен чекор. Фактот дека неговата употреба отворено се дискутира покажува колку сериозно европските земји ги сфаќаат тврдењата на Трамп.
Заедничка изјава на осум земји
Во неделата, Франција, заедно со Данска, Финска, Германија, Холандија, Норвешка, Шведска и Обединетото Кралство, издадоа заедничка изјава во која изразија „целосна солидарност“ со Гренланд и Данска.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата