Според германските истражители, зад експлозиите на гасоводите Северниот тек 1 и 2 на крајот од минатата година стоела група Украинци кои дејствувале под директно водство на тогашниот врховен командант на вооружените сили на Украина, генерал Валериј Залужни.
Повикувајќи се на германската полиција, обвинителите и други добро информирани извори, американски весник минатиот ноември објави дека истражителите развиле „јасна слика за тоа како елитна украинска воена единица ги извршила нападите“. Целта на саботажата наводно била да се намалат приходите на Русија од извори на енергија и да се прекинат економските врски на Москва со Германија.
Следејќи траги како што се компании за изнајмување чамци, телефонски броеви и регистарски таблички, тимот од Потсдам собрал доволно докази за да издаде налози за апсење на тројца војници на специјалните сили и четворица искусни нуркачи во длабоко море.
Клучниот доказ беше зрнеста, црно-бела фотографија од германска сообраќајна камера. Таа ја покажуваше сликата на украински нуркач кој беше идентификуван од полицијата користејќи комерцијален софтвер за препознавање лица. За неколку минути, истражителите ги пронајдоа неговите профили на социјалните мрежи, што ги доведе до други осомничени.
Тимот го следеше идентификуваниот нуркач до Полска, од каде подоцна беше транспортиран во Украина во црн БМВ со дипломатски таблички. Возилото наводно го управувал украинскиот воен аташе во Варшава.
Идентификацијата беше тешка
Командантот на диверзантската единица беше пронајден во Италија по исцрпна потрага. Детективите првично имаа само фотографија од пасош на насмеан маж, што се покажа како вистински украински документ издаден на туѓо име - вообичаена практика во украинските тајни операции, според полицијата.
Бидејќи човекот немал профили на социјалните мрежи и не бил во ниедна европска база на податоци, идентификацијата била тешка. Сепак, граничната полиција на пријателска земја пронашла совпаѓање бидејќи патувал таму по службена должност.
Така, истражителите добија копија од неговиот вистински пасош и го идентификуваа како Сергеј К., 46-годишен ветеран од Безбедносната служба на Украина (СБУ). Тој се приклучи на Специјалните сили на првиот ден од руската инвазија и командуваше со противвоздушна единица за време на Битката за Киев.
Судот во Болоња веќе ја одобри екстрадицијата на Сергеј Кузнецов
Се очекува италијанските судии до декември да одлучат дали осомничениот ќе биде екстрадиран во Германија, каде што треба да му се суди. Германската полиција веќе подготви специјален авион за негов транспорт од Италија до Хамбург.
Ве потсетуваме дека кон крајот на октомври, судот во Болоња веќе ја одобри екстрадицијата на Сергеј Кузнецов во Германија, но неговата одбрана поднесе жалба до Врховниот суд, кој мора да донесе одлука во рок од еден месец. Во меѓувреме, Кузнецов започна штрајк со глад, а украинскиот комесар за човекови права, Дмитро Лубинец, пријави нагло влошување на неговата здравствена состојба.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата