Русија ја достигнува Украина во производството на беспилотни летала благодарение, пред сè, на помошта од Кина, но и на поголемите финансиски ресурси и фактот дека нивното производство е далеку од фронтовската линија, тврди висок функционер на украинската разузнавачка служба, објави денес Политико.
Според изјавите на портпаролот на украинската служба за надворешно разузнавање, Олех Александров, кинеските производители ги снабдуваат Русите со хардвер, електроника, навигациски, оптички и телеметриски системи, мотори, микрокола и антени.
Тој наведува дека за ова се користат параван компании, со лажни имиња, со цел да се избегнат контроли на извозот и санкции поради ваквите активности, така што „официјално Кина ги почитува сите прописи“.
Пекинг постојано негираше дека испорачувал дронови или компоненти за оружје на Русија, нарекувајќи ги обвинувањата на Украина неосновани и политичка манипулација.
Според Александров, Русија, сепак, е зависна од кинеските испораки на резервни делови за тактички и долги дострелни дронови, што ѝ овозможува да го загрози лидерството на Украина во производството на беспилотни летала.
Поранешниот воен командант и сегашен заменик-началник на кабинетот на претседателот Володимир Зеленски, Павло Палис, објави дека оваа година 80 проценти од штетата врз руската опрема и војници била предизвикана од беспилотни летала и дека на овој начин биле уништени 89.000 руски цели.
Според „Политико“, во раните години од војната, Украина успеала да добие лидерство и предност во војувањето со беспилотни летала, произведувајќи до еден милион тактички дронови во 2024 година, а целта е да се произведат 2,5 милиони оваа година, како и 30.000 дронови со долг дострел.
Според Александров, руските производители успеале да го зголемат производството на дронови со долг дострел од 15.000 во 2024 година на над 30.000 оваа година, а воедно произвеле и два милиони мали тактички беспилотни летала.
Зеленски тврди дека Русија има многу поголеми финансиски ресурси, како и пристап до кинеска технологија, како што се дроновите DJI Mavic.
„Тие се евтини и ефикасни, а се користат секојдневно како артилериски ракети“, додаде тој, истакнувајќи дека десетици украински производители работат на модернизација на верзии од овој тип беспилотни летала.
Киев наведува дека Кина, сепак, го ограничила пристапот на Украина до нови дронови, додека такви ограничувања не биле воведени врз Русија.
Зеленски додаде дека Украина реагира на ова со зголемување на производството на неодамна развиени дронови-пресретнувачи кои соборуваат руски дронови и дека инвестира многу пари во ова.
Украина, исто така, се свртува кон неконвенционални методи, како што е операцијата на вметнување лансери на беспилотни летала во Русија за таргетирање на аеродромите со тактички бомбардери, според „Политико“.
Москва, од друга страна, сè повеќе користи беспилотни летала со оптички кабли наместо радио сигнали, што ги прави отпорни на електронски контрамерки. Според „Политико“, на украинската војска ѝ е многу потешко да забележи ваков тип руски дронови.
Русија е исто така подобра во попречувањето на украинските беспилотни летала и го зголеми производството на радиоелектронска опрема за водење војна.
Русија ги произведува своите дронови со долг дострел во специјална економска зона во Татарстан, каде што има концентрирано производствени линии за иранските дронови „Шахид“, познати во Русија како „Геран“, а има и производствени погони во Московскиот регион, Санкт Петербург и Екатеринбург.
„Во оваа војна на беспилотни летала, само најдинамичната страна ќе победи“, заклучи еден од украинските команданти на единицата за беспилотни летала, Андриј, според „Политико“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата