По неколкуте еднодневни општонародни штрајкови и серијата протести во поединечни сектори, предизвикани од незадоволството од владините социо-економски реформи, белгиската Влада одлучи да ги „олесни“ дел од предвидените мерки. Меѓу другите промени, одложено е зголемувањето на одредени стапки на ДДВ, а за социјално загрозените граѓани ќе се намали акцизата на енергијата.
Првично, Владата планираше од 1 јануари да ги зголеми стапките на ДДВ за угостителски услуги (храна по нарачка), спортски активности, рекреација и хотелско сместување од шест на 12 проценти. Оваа одлука предизвика силно противење од засегнатите дејности.
Солидарност со противењето на хотелскиот сектор покажа и потпретседателката на регионалната Влада на Фландрија и министерка за домување, енергија, клима, туризам и млади, Мелиса Депратере, која е и пратеничка во белгискиот Федерален парламент. Нејзината партија, „Напред“ (Vooruit), е дел од актуелната владина коалиција.
Под притисокот на овие протести, Владата одлучи да го помести зголемувањето на оваа ДДВ стапка до 1 март, со можност за дополнително одлагање.
Паралелно со ова, за истиот период, односно до 1 март, одложено е и намалувањето на ДДВ стапката за безалкохолни пијалаци кои се служат во кафулиња и ресторани, од 21 на 12 проценти.
Предвидени се и промени во акцизите за енергенси. Владејачката Влада планира зголемување на акцизата за гас, но и намалување на акцизата за електрична енергија. Овие мерки се очекува да стапат во сила откако Парламентот ќе го одобри предложениот закон, најверојатно во пролетта следната година.
Анализите покажуваат дека овие промени ќе доведат до просечно зголемување на годишните трошоци за гас за околу 75 евра по домаќинство, додека за електрична енергија се предвидува намалување од 34 евра.
За да се ублажи негативниот ефект од повисоките трошоци за гас, Владата донесе одлука за намалување на акцизите за категориите граѓани кои остваруваат право на социјална тарифа.
Оваа мерка ќе опфати околу 500.000 домаќинства со минимални приходи или кои живеат во социјални станови, а кои инаку имаат право на поволна енергетска стапка.
Овие домаќинства ќе добијат помала акциза за гас. Во однос на електричната енергија, покрај општото намалување на акцизата, тие ќе остварат и дополнително намалување.
Донесени се и измени во регулативата за ноќна работа, чија дебата започна уште во јули. Во Белгија, генерално, постои забрана за ноќна работа, но постојат бројни исклучоци за одредени сектори и професии.
Ноќна работа се дефинира како секој работен ангажман помеѓу 20:00 и 6:00 часот, за кој се исплаќа додаток на платата или таканаречен ноќен бонус.
Сегашната владина пропозиција предвидува укинување на забраната за ноќна работа во сите сектори. За некои клучни области, како што се дистрибуцијата, е-трговијата, металопреработувачката и електроенергетската индустрија, ноќна работа ќе се смета само ангажманот помеѓу 23:00 и 06:00 часот.
Овие измени ќе се применуваат исклучиво за нововработените. За лицата кои веќе работат ноќе, ќе останат на сила старите правила за времетраењето на ноќниот труд и придобивките од тоа.
Дополнително, Владата разгледува и можност за измена на одлуката која се однесува на индексирањето на платите и пензиите. Со предложената промена, бруто платите повисоки од 4.000 евра месечно и месечните бруто пензии или надоместоци над 2.000 евра нема да бидат опфатени со овој механизам. Индексирањето претставува годишно зголемување на платите и пензиите согласно индексот на трошоците за живот и инфлацијата.
И покрај незадоволството од владините реформи, анкетите на јавното мислење укажуваат дека најголемата партија во владината коалиција, десничарската Нова фламанска алијанса (N-VA) на премиерот Барт де Вевер, и натаму ја задржува лидерската позиција во земјата.
Според заедничката анкета на весникот „Het Laatste Nieuws“ и телевизијата VTM Nieuws, N-VA ужива поддршка од 25,6% од испитаниците во Фландрија, што е идентично со резултатот од изборите во јуни минатата година.
На второ место меѓу фламанските партии се наоѓа екстремно десничарската опозициска партија Фламански интерес (VB) со 23,9%, што претставува раст од над два процентни поени во однос на претходните избори. По нив следува владејачката десноцентристичка партија Христијански демократи и Фламанци (CD&V) со 13,9%, бележејќи раст од еден процентен поен.
Владејачката социјалдемократска партија „Напред“ (Vooruit) има поддршка од 11,4% од фламанските гласачи, што претставува пад од 1,6 процентни поени во споредба со минатогодишните избори. Опозициската екстремно левичарска Работничка партија на Белгија (PVDA) би добила поддршка од 10,2% од гласачите, што е раст од два процентни поени.
Двете опозициски партии, Отворени Фламански либерални демократи (Open VLD) и Зелените, имаат поддршка од околу 7% од испитаниците. Ова претставува пад од 1,6 процентни поени за либералите и половина процентен поен за зелените, во споредба со изборните резултати.
Кога станува збор за валонскиот дел од гласачите, предност има опозициската левоцентристичка Социјалистичка партија (PS) со 29%, што е раст од седум процентни поени во однос на изборите во јуни 2024 година.
Минатогодишниот изборен победник, владејачкото либерално Реформско движење (MR), ужива поддршка од 21,4% од испитаниците, што претставува пад од 6,8 процентни поени според изборните резултати.
На третото место се наоѓа екстремно левичарската опозициска Работничка партија на Белгија (PTB) со 19,6%, бележејќи раст на популарноста од осум процентни поени. Следи владејачката центристичка партија „Посветените“ (LE) со 17,3% поддршка, што е за 2,7 процентни поени помалку од изборниот резултат.
На петтото место е зелената партија Еколо со 7,4%, што претставува раст од 1,5 процентни поени во споредба со ланските избори.
Наведените анкетни резултати сугерираат дека владејачките партии во Фландрија ја задржале стабилната поддршка. Сепак, валонскиот дел од владината коалиција бележи значителен пад на популарноста, што би можело да предизвика дополнителни предизвици за премиерот Де Вевер во иднината, доколку овие партии почнат да упатуваат поизразени барања за подобрување на нивните рејтинзи.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата