Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека ќе се залага за донесување закон на ниво на цела ЕУ со кој ќе им се забрани на децата под 15 години пристап до социјалните мрежи, по смртоносниот напад со нож во училиште во источна Франција.
Макрон рече дека се надева оти резултатите ќе бидат видливи во наредните месеци, објави Ројтерс.
Грција, поддржана од Франција и Шпанија, ги предводи напорите да се изврши притисок врз ЕУ значително да го ограничи времето што тинејџерите можат да го поминуваат онлајн, но Макрон сака да дејствува побрзо.
„Ако не функционира, ќе почнеме да го воведуваме во Франција. Не можеме да чекаме“, изјави тој за јавниот сервис Франс 2, неколку часа откако асистентка во училиште во Ножан, во департманот О-Марн, беше избодена до смрт за време на проверка на торбите за оружје.
Макрон, исто така, најави дека наскоро ќе се воведе проверка на возраста во Франција на веб-страниците што продаваат ножеви преку интернет, слично на мерките што се однесуваат на порнографските веб-страници.
„15-годишник повеќе нема да може да купи нож преку интернет. Ова значи дека ќе воведеме огромни финансиски санкции и забрани“, вети тој.
Полицијата во вторникот испраша 14-годишен ученик под сомнение дека до смрт избодел 31-годишен училишен асистент.
Премиерот Франсоа Бајру изјави во парламентот дека овој инцидент не е изолиран случај. Макрон изјави дека социјалните мрежи се еден од факторите што придонесуваат за насилство кај младите луѓе и посочи дека овој вид регулатива е поддржан од експерти.
„Платформите имаат можност да проверат нечија возраст. Нека го прават тоа“, рече тој.
Ројтерс наведува дека бројни земји низ целиот свет спроведуваат мерки насочени кон ограничување на користењето на социјалните мрежи кај децата.
Минатата година, Австралија одобри забрана за социјалните медиуми за лица под 16 години, поставувајќи еден од најстрогите регулаторни стандарди против големите технолошки компании.
Иако повеќето социјални мрежи формално не дозволуваат пристап за деца под 13 години, извештајот на австралискиот регулатор за безбедност на интернет покажа дека децата лесно ги заобиколуваат овие ограничувања.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата