Селаните влегле во пештерата во покраината Ксаисомбун во централниот Лаос минатата среда во потрага по злато, но обилните дождови предизвикале ненадејни поплави што го блокирале излезот, објави АП, повикувајќи се на спасувачките тимови од Лаос и Тајланд.
Двајца тајландски нуркачи и еден фински експерт, кои учествувале во драматичното спасување на младински фудбалски тим од пештера во Тајланд во 2018 година, се приклучиле на ризичната операција.
Се верува дека селаните се заробени длабоко во пештерата на „покачена полица“ која има постојано снабдување со воздух, објави државната новинска агенција Лаос. Експертските нуркачи кои ја водат мисијата за спасување изразија надеж дека сите заробени луѓе ќе бидат пронајдени живи.
„Мислиме дека треба да преживеат“, изјави за Си-Ен-Ен тајландскиот нуркач Кенгкад Бонгкавонг, објаснувајќи дека локацијата на мажите во пештерата е најбезбедната точка.
За да стигнат до нив, спасувачите ќе мора да поминат низ тунел долг 340 метри, според Центарот за команда и контрола „Мета Там Каласин“ (MTK), една од групите што ја координираат операцијата за спасување.
Некои делови од тунелот се широки само 60 сантиметри, па спасувачите ќе мора да ползат за да се приближат до заробената група, соопшти центарот на Фејсбук. Фотографиите покажуваат кабли поставени низ празнина меѓу карпите за да ги водат спасувачите до пониските делови од пештерата.
Бонгкавонг го опиша природниот влез во пештерата како патека што се спушта под агол од 45 степени.
„Толку е тесна што мора да се свртите настрана, да се наведнете ниско и да ползите целосно на стомак за да поминете“, објасни искусниот нуркач.
Тој додаде дека влезот и излезот од пештерата мора внимателно да се координираат бидејќи нема простор спасувачите да се разминат еден со друг.
Кациги, маски за дишење и детектори за гас се користат за следење на нивото на кислород и токсични гасови во тесниот пештерски систем. Се користи и систем „авионска линија“ за пумпање свеж воздух во пештерата однадвор.
Снимките од внатрешноста на пештерата, објавени на Фејсбук страницата на еден тајландски спасувач, ги прикажуваат спасувачите како се движат низ темни пештери речиси целосно исполнети со вода. Во тек се напори за испумпување на водата од тунелот за полесен пристап.
Надвор од пештерата, екипа со јаже е испратена на мисија да се спушта по карпи за да бара можни патишта до селаните низ четири отвори забележани во планината над пештерата, соопшти групата.
Спасувачката операција се одвива во планинска област во близина на Лонг Тиенг во покраината Ксаисомбун, позната по своите широки долини и богати минерални резерви. Спасувачите користат мапа на пештерата, за која Бонгкавонг вели дека е многу точна и му помага на тимот во нивните напори.
„Затоа верувам дека, со оглед на географијата и условите за живот на жртвите, ако се наоѓаат во таа област, нивните шанси за преживување се многу големи“, рече тој.
Властите добиле дојава за заробените селани од член на групата кој успеал да избега пред да биде блокиран излезот. Бонгкавонг објасни дека човекот кој избегал го сторил тоа газејќи низ водата и практично насилно излегувајќи, нешто што само локален жител кој е запознаен со областа би го направил.
„Ние го нарекуваме „букање““, рече Бонгкавнг, откривајќи дека во локалниот дијалект постои посебен збор за дејството што го извршил човекот.
Селаните често го посетуваат местото во потрага по златни наоѓалишта и покрај постојаните предупредувања од властите за безбедноста.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата