Инаугурацијата на старо - новиот претседател е закажана точно напладне во САД или 18 часот по македонско време.
Иако традиционално се одржува на отворено, на западната страна на американскиот капитол, сепак поради временските прилики и ладното време, Трамп заклетвата ќе ја даде во Ротундата на капитолот каде според најавите присутни ќе бидат околу седумстотини лица, пред зградата пак, се очекуваат присуство на 250 до 300 илјади луѓе.
Ден пред церемонијата Трамп одржа и митинг во Вашингтон пред поддржувачите каде најави сериозни промени со промената на власта во САД.
-Завесата се спушта на четири долги години на американски пад и почнуваме со нов ден на американска сила и просперитет, достоинство и гордост. Еднаш за засекогаш ќе ставиме крај на владеењето на пропаднат и корумпиран политички естаблишмент во Вашингтон. Пропадната администрација,- - Доналд Трамп – Новоизбран претседател на САД.
Во пресрет на промената на власта пак и на последниот ден од мандатот, претседателот во заминување Бајден издаде превентивно помилување за поранешниот директор на институтот за заразни болести Ентони Фаучи кој стана познат за време на Ковид пандемијата и за поранешниот началник на генералштабот Марк Мајли, како и за членовите на конгресната комисија кои ги испитуваа Трамп за упадот во Конгресот пред 4 години.
Целта како што соопштија од Белата Куќа е да се заштитат тие лица од неоправдани и политички мотивирани процеси. Трамп според најaвите уште денеска ќе се зафати со работа, потпишувајќи низа на извршни наредби, особено кон мигрантската политика. Промени се очекуваат и во односот на САД кон политиките кои ги третираат родовите прашања, но и кон војната во Украина.
-Ќе дејствувам со историска брзина и сила и ќе ја поправам секоја криза со која се соочува нашата држава. Мора да го направиме тоа. Ќе ставиме крај на инвазијата на нашите граници. Ќе ги вратиме законот и редот во нашите градови, ќе го обновиме патриотизмот во нашите училишта, ќе ги исфрлиме радикалната левица и „woke“ идеологиите надвор од нашата војска и надвор од нашата војска и ќе ја направиме Америка голема повторно,- - Доналд Трамп – Новоизбран претседател на САД.
За обезбедување на церемонијата се ангажирани 25 илјади припадници на безбедносните служби, а низ улиците на главниот град поставени се 48 километри на безбедносни огради. Илјадници поддржувачи и симпатизери на Трамп уште од утринава ги наполнија улиците на главниот град.
-Се чувствувам многу патриотски во овој момент.
-Ова е „ние народот“ како и го диктираме на владата тоа што ние го сакаме и мислам дека тоа е магично.
-Ова е едноставно ден на радост и среќа и убаво е чувството да се биде тука.
Трамп инаку, за прв пат до сега на церемонијата покани и странски лидери. Меѓи нив е премиерката на Италија Џорџа Мелони, претседателот на Аргентина Хавиер Милеи, како и потпретседателот на Кина Хан Женг. Покрај нив, на церемонијата ќе бидат и милијардерите Елон Маск, Марк Цукерберг и Џеф Безос, а на листата не се најдоа имиња како оние на германскиот кацелар Олаф Шолц, францускиот претседател Макрон и претседателката на ЕК Урсула фонд ер Лајен.
Со 78 години и 7 месеци Трамп ќе биде најстариот инаугуриран Претседател на САД имајќи предвид дека Бајден бил 5 месеци помлад на денот на својата инаугурација.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата