Американските власти објавија дека е постигнат договор со Кина за побрза испорака на ретки земни метали, што претставува значаен чекор во напорите за надминување на трговските разлики помеѓу овие две големи светски економии.
Претседателот Доналд Трамп претходно изјави дека САД и Кина во средата потпишале договор, без да открива повеќе детали, а додаде и дека се разгледува можноста за посебен договор кој би овозможил поголема трговска соработка и со Индија.
За време на разговорите што се одржаа во Женева во мај, Кина се обврза дека ќе ги укине нетарифните контрамерки кон САД воведени од 2 април, иако се уште не е сосема јасно на кој начин дел од тие мерки ќе бидат укинати.
Како одговор на новите американски царини, Кина ја суспендираше испораката на некои клучни минерали и магнети, што сериозно ги погоди синџирите на снабдување за автомобилската, електронската, авионската и одбранбената индустрија.
Американската администрација и Кина се согласија околу дополнителна рамка за спроведување на договорите од Женева, со цел да се забрза влезот на ретки земни метали во САД.
Извори од американската администрација потврдуваат дека новиот договор бил финализиран претходно оваа недела.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата