logo
logo
logo

ОГРОМНА ДУПКА ВО КАНАЛ ВО ВЕЛИКА БРИТАНИЈА „ПРОГОЛТАЛА“ ДВА БРОДА Прогласена е вонредна состојба (видео)

Vecer | 22.12.2025

ОГРОМНА ДУПКА ВО КАНАЛ ВО ВЕЛИКА БРИТАНИЈА „ПРОГОЛТАЛА“ ДВА БРОДА Прогласена е вонредна состојба (видео)

Во Шропшир е прогласена вонредна состојба откако во каналот се отворила огромна дупка, која полицијата ја опиша како понор. Два брода пропаднале во отворот, додека уште два опасно висат на самиот раб, а постои и страв од поплави во околината, пишува Би-би-си.

Фотографиите од местото на настанот во Виччрч прикажуваат целосно уривање на дел од пловниот пат. Од настанатата дупка водата, по сè изгледа, целосно истекла, а два тесни брода потонале, додека уште два останале заглавени на работ на бездната.

Противпожарната и спасувачката служба на Шропшир потврди дека дошло до одрон и дека каналот е погоден. Полицијата на Вест Мерсија соопшти дека нема информации за повредени лица и ги повика граѓаните да го избегнуваат ова подрачје и да користат алтернативни правци. Противпожарните екипи им пружаат поддршка и на луѓето на други делови од блискиот пловен пат.

Граѓаните мислеле дека имало земјотрес

Фондацијата за канали и реки (Canal and River Trust) го опиша инцидентот како пробивање на каналот, нагласувајќи дека приоритет е безбедноста на сопствениците на бродови и на сите што се наоѓаат во близина.

„Спроведуваме почетни истраги за можната причина за пробивањето и ќе обезбедиме повеќе детали во догледно време“, се наведува во нивното соопштение.

Тие најавија и дека ќе се обидат што е можно побрзо да го воспостават нивото на водата од двете страни на пробојот и да им пружат поддршка на погодените. Локалниот советник во Виччрч, Енди Хол, за BBC изјави дека инцидентот се случил околу 5 часот наутро.

„Имаме два брода на дното на понорот кои паднаа, и уште два брода кои балансираат на работ и можат да паднат во секој момент“, рече тој, додавајќи дека пожарникарите ќе ги обезбедат тие бродови.

Хол ги пренесе и впечатоците на жителите: „Мислеа дека имало земјотрес“. Тој објасни дека огромна количина вода истекла на блиското поле. „Од десната страна имаме поле кое веројатно примило околу еден милион галони вода од каналот“, изјави тој.

„Тоа е страшна работа, бев загрижена“

Тој потврди дека пожарникарите поставиле брана за да го запрат понатамошното истекување на водата.

„Нивната најголема грижа беше дека каналот може уште повеќе да пукне и да ги поплави жителите на градот“, рече Хол. Нагласи дека никој не бил на „двата брода што потонале“ и дека противпожарните екипи ги спасиле луѓето од бродовите кои „балансирале на работ“.

Исто така, тој ги демантираше гласините од социјалните мрежи, потврдувајќи дека не се урнал никаков мост. Лорејн Барлоу, која живее на бродот „The Singing Kettle“, закотвен во близина, го раскажа своето искуство.

„Околу 04:20 утринава почувствував дека нешто не е во ред, како да доаѓа струја под бродот, со меурчиња – звучеше навистина необично.

Потоа се навалив кон средината на каналот и почувствував како јажињата се затегаат“, рече таа. Откако го напуштила бродот, видела пожарникари и тимови за пребарување и спасување.

„Во каналот немаше вода“, опиша таа. „Бев загрижена поради јажињата и поради тоа што мојот брод виси таму. Тоа е страшна работа, бев загрижена и за другите луѓе“, изјави таа.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk