Соединетите Американски Држави ги информираа сојузниците дека планираат постепено да го намалат бројот на стратешки бомбардери, борбени авиони, беспилотни летала, подморници и воени бродови наменети за НАТО во Европа, додека продолжуваат да вршат притисок врз европските членки да преземат поголема одговорност за сопствената одбрана, пишува денес бриселскиот „Политико“, повикувајќи се на извори во Алијансата.
Според дипломатите на НАТО, соопштението го дал советникот на Пентагон, Александар Велез-Грин, на затворен состанок на директорите за политика на Алијансата.
Дипломатите велат дека деталите за намалувањето сè уште не се финализирани и дека Вашингтон не прецизирал временска рамка за повлекување на капацитетите, но дека на сојузниците им е кажано дека нема да има промени во нуклеарното одвраќање на САД.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата