Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, вчера изјави дека сè повеќе земји низ целиот свет сакаат да склучат трговски договори со ЕУ, наведувајќи го тоа како „позитивен несакан ефект“ откако американскиот претседател Доналд Трамп ги зголеми царините за стоки увезени во САД.
Фон дер Лајен за германскиот весник „Цајт“ изјави дека „Европа е целосно свесна“ за можностите за „нов светски поредок“.
„Моментално водам голем број разговори со шефови на држави и влади ширум светот кои сакаат да соработуваат со нас на нов поредок“, рече фон дер Лајен.
Таа нагласи дека не станува збор само за економски врски, туку и за воспоставување заеднички правила и предвидливост.
„Сега мора да го искористиме овој моментум за да отвориме нови пазари за нашите компании и да воспоставиме поблиски односи со многу земји што ги делат нашите интереси“, рече фон дер Лајен.
Откако беа воведени новите американски царини на 2 април, бран на неизвесност ја зафати трансатлантската трговија, а ЕУ бара нови начини за продлабочување на врските со други големи економии, како што е Кина, објави „Политико“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата