Кинеските пратеници на седница на Постојаниот комитет на Националниот народен конгрес (ННК) усвоија закон посветен на унапредување на приватниот сектор во земјата, што е првиот фундаментален закон во Кина посветен на развојот на приватниот сектор.
Законот, кој ќе стапи на сила на 20 мај, се состои од девет поглавја и 78 членови, кои опфаќаат општи одредби, фер конкуренција, промоција на инвестиции и финансирање, технолошки иновации, стандардизирани деловни операции, заштита на права и интереси, законски одговорности и други релевантни теми, објави Синхуа.
Ли Чанган, професор на Кинеската академија за студии за отворена економија при Универзитетот за меѓународен бизнис и економија, за „Глобал тајмс“ изјави дека новиот закон „носи важни практични импликации за промовирање на развојот на приватниот сектор, водејќи го по пат базиран на закон и подобрувајќи ја неговата регулатива и управување“.
Ли додаде дека усвојувањето на овој закон ќе помогне да се обезбеди пофер конкурентска средина за приватните претпријатија и дополнително ќе го поттикне нивниот ентузијазам за иновации и создавање бизнис.
Блумберг наведува дека според овој закон, приватните компании во Кина ќе бидат третирани исто како и државните фирми во однос на инвестициите, финансирањето и поддршката за технолошки иновации.
Законот, исто така, вклучува клаузула со која се забрануваат прекумерни казни за приватни компании.
Кинеските власти сакаат да го зајакнат приватниот сектор за да го заштитат планираниот економски раст во услови на царински конфликт со САД, додава агенцијата Њујорк.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата