Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп предлага воведување дополнителни царини од 10 или 12,5 отсто за увоз од 60 земји, вклучувајќи ја и Европската Унија, поради, како што се наведува, неуспехот да се ограничи трговијата со стоки произведени со принудна работа, што ѝ штети на трговијата со САД.
Предлогот доаѓа од Канцеларијата на трговскиот претставник на САД, како дел од истрагата за нефер трговски практики, објави Ројтерс.
Според предлогот, дополнителни тарифи од 10 проценти би се вовеле за увоз од Канада, Еквадор, ЕУ, Мексико, Пакистан, Аргентина, Бангладеш, Камбоџа, Ел Салвадор, Гватемала, Малезија, Тајван и Обединетото Кралство и други. Дополнителна тарифа од 12,5 проценти е предложена за преостанатите 45 економии опфатени со истрагата.
„Неуспехот на нашите најважни трговски партнери да се справат со увозот на стоки направени со принудна работа е неприфатлив. Ова создава динамика во која американските работници се ставаат во неповолна положба на глобалниот пазар“,
изјави американскиот трговски претставник Џејмисон Грир.
Канцеларијата на трговскиот претставник на САД соопшти дека одредени производи ќе бидат ослободени од новите тарифи, вклучувајќи енергија, ретки земни метали и одредени метали, говедско месо, кафе, одредено овошје и зеленчук, фармацевтски производи, органски хемикалии и делови за авиони. Дополнително, ќе се предложи посебен механизам за текстилната индустрија што би дозволил одредени количини облека и текстил да се увезуваат по намалени тарифи.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата