Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес на самитот во Букурешт (Б9) во главниот град на Романија изјави дека Русија останува главна закана за НАТО и ги повика сојузниците да продолжат со зајакнување на одбраната, особено на источното крило на Алијансата.
Тој рече дека НАТО поминува низ промени што би значело дека европските членки преземаат поголема одговорност. „Русија останува директна закана за НАТО. Мораме да направиме сè за да ги заштитиме членовите, а посилна Украина денес значи побезбедна Европа утре“, нагласи генералниот секретар на НАТО, додавајќи дека Украина мора да има доволно ресурси за да остане во борбата, објави романскиот портал „Digi24“.
Тој изјави дека лидерите на НАТО во Париз веќе разговарале за можната рамка на мировниот договор и оцениле дека „90 до 95 проценти“ од можниот текст веќе е договорен, додека одлуката за евентуален прекин на огнот е на Украина.
Што се однесува до понатамошните чекори во врска со можниот мировен процес, Руте рече дека одговорноста сега е на Москва и дека Русија мора да покаже подготвеност за следните чекори.
„Засега, топката е во дворот на Путин. Тој мора да го направи следниот потег“, рече генералниот секретар на НАТО.
Зборувајќи за НАТО, Руте изјави дека Алијансата е во процес на трансформација во услови на глобални тензии и дека концептот „НАТО 3.0“ подразбира посилен сојуз со поголемо европско преземање одговорност.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата