logo
logo
logo

ЕУ МОРА ДА ГО ПРОМЕНИ СИСТЕМОТ НА ПРОШИРУВАЊЕ, вели Марта Кос

Vecer | 28.05.2026

ЕУ МОРА ДА ГО ПРОМЕНИ СИСТЕМОТ НА ПРОШИРУВАЊЕ, вели Марта Кос

Европската Унија мора итно да го промени својот застарен и ригиден систем на проширување за да одговори на потребите на Украина, алармираше еврокомесарката Марта Кос во интервју за „Фајненшл тајмс“. Таа порача дека Брисел не смее да менаџира со статус-кво состојба, бидејќи приемот на нови членки стана геополитичка неопходност, особено за Украина која веќе четири години се бори против руската инвазија.

Сепак, Кос подвлече црвена линија: кратенки и отстапки за владеењето на правото, судската независност и борбата против корупцијата нема да има.

Поддршка за дебатата на Мерц и одбивањето на Зеленски

Барањето на еврокомесарката следува по предлогот на германскиот канцелар Фридрих Мерц за воведување статус на „придружна членка“ за Украина, што би значело интеграција во институциите, но без право на глас. Иако претседателот Володимир Зеленски експресно го одби ова како неправедно, Кос смета дека идејата е корисен почеток за сериозна дебата во насока на постепена интеграција на кандидатите.

Украина и Молдавија се разделуваат уште ова лето?

Кос призна дека барањето на Зеленски за влез во ЕУ веќе следната година е невозможно, но навести дека „вештачкото поврзување“ на Украина и Молдавија во ист пакет би можело да заврши уште ова лето:

„Ќе видиме кој ќе испорача резултати и кој може да направи повеќе. Украина е едноставно премногу голема за да пропадне и затоа заслужува посебно внимание. Еден ден ќе имаме мир, а јас се плашам од тој ден ако дојде пред Брисел да биде подготвен да испорача.“

Ако ЕУ го изведе ова правилно, ќе изгради силен континент, но ако потфрли – противниците веднаш ќе ја искористат таа слабост, заклучи Кос пред состанокот на шефовите на дипломатиите во Кипар, кој е увертира за големиот ЕУ самит во јуни.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk