Затворањето на Ормускиот теснец, низ кој секојдневно се транспортира околу една петтина од светската трговија со нафта и течен природен гас, би можело да предизвика сериозни економски потреси и во Македонија, иако земјата нема директен увоз на енергенси од Персискиот Залив.
Економските експерти предупредуваат дека ваков настан би довел до значителен скок на цените на нафтата на светските пазари – се прогнозира цена повисока од 100 долари за барел – што дополнително ќе ја поттикне инфлацијата, поскапувањето на енергијата и храната, и ќе го подгрее нарушувањето на глобалните синџири на снабдување.
Постојат проценки дека горивата би можеле да поскапат и до 30%, што би ја намалило реалната куповна моќ на населението.
Напнатоста на Блискиот Исток се зголеми по последните воени настани и реакцијата на иранскиот парламент, кој ја поддржа можноста за затворање на теснецот. Вистинската одлука, сепак, ќе биде донесена од страна на Советот за национална безбедност на Иран. Потенцијалната блокада би можела да иницира опасна економска и геополитичка спирала, со непредвидливи последици на глобално ниво.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата