logo
logo
logo

Кој е Томи Робинсон, ОРГАНИЗАТОР НА НАЈМАСОВНИТЕ ПРОТЕСТИ ВО ЛОНДОН ВО ПОНОВАТА БРИТАНСКА ИСТОРИЈА?

Vecer | 14.09.2025

Кој е Томи Робинсон, ОРГАНИЗАТОР НА НАЈМАСОВНИТЕ ПРОТЕСТИ ВО ЛОНДОН ВО ПОНОВАТА БРИТАНСКА ИСТОРИЈА?

Повеќе од 150.000 луѓе, според полициските проценки, се собраа вчера во Лондон на протест на крајната десница наречен „Обединете го Кралството“, најголемиот ваков митинг во поновата британска историја.

Според полициските податоци, помеѓу 110.000 и 150.000 демонстранти излегоа на улиците, а за време на немирите беа повредени најмалку 26 полицајци, а 25 лица беа уапсени.

Демонстрантите се судрија со полицијата во центарот на Лондон, фрлајќи предмети кон нив и пробивајќи ги бариерите поставени во близина на Парламентот.

Протестот го организираше Томи Робинсон, најпознатото лице на британската крајна десница. Тој тврди дека на вчерашните протести имало неколку милиони луѓе.

Кој е тој?

Томи Робинсон (42), вистинско име Стивен Јаксли-Ленон, е најпознатиот лидер на растечкото крајно десничарско движење во Обединетото Кралство.

Во обидите да го скрие својот идентитет и криминално минато, тој ги користел и имињата Ендру Мекмастер, Пол Харис, Вејн Кинг и Стивен Ленон. Неговото име беше скандирано за време на антиимигрантските немири што ја потресоа земјата во август 2024 година, откако три деца беа убиени во напад со нож на час по танц во Саутпорт.

Потоа Робинсон прошири лажни тврдења за напаѓачот на X и ги повика следбениците да „дојдат и да станат“, што дополнително ги разгоре тензиите на улиците.

Тој е роден и израснат во градот Лутон, во англискиот округ Бедфордшир. По училиште, тој започнал обука за авијациски техничар на аеродромот Лутон, во „Британија ервејс“, каде што работел како чирак.

На почетокот на 2005 година, тој беше осуден на затвор за напад врз полицаец кој не бил на должност во пијана расправија, со што ја заврши својата кариера во воздухопловните сили.

Основа антимуслиманска група позната по насилни протести

Во 2009 година, Робинсон ја основа Англиската лига за одбрана (EDL), група која тврди дека британското општество е „под напад од муслимански екстремисти“ и стана позната по насилните улични протести кон крајот на 2000-тите и 2010-тите.

„Мухамедовиот Куран: Зошто муслиманите убиваат за исламот“

Робинсон ја напушти EDL во 2013 година, но продолжи да организира и охрабрува протести против имиграцијата и исламот. Потоа рече дека движењето се радикализирало и дека повеќе не може да ги контролира екстремистите меѓу своите поддржувачи. Тој тврдеше дека е сè повеќе загрижен за насилството и расистичката реторика во рамките на EDL и дека сака да се бори против исламистичкиот екстремизам на поинаков начин.

Со активизам, тој изгради присуство во медиумите и на мрежите. Кратко работеше за канадскиот десничарски портал Rebel Media и, меѓу другите, независно ја објави книгата „Мухамедовиот Куран: Зошто муслиманите убиваат за исламот“.

„Инспирација“ за напаѓачите на американскиот Капитол

Тој се поврза со американските десничарски кругови и се појави на Fox News и на крајно десничарската платформа Infowars. Енрике Тарио, поранешниот лидер на американската екстремистичка група Proud Boys, организација позната по насилните судири и нејзината улога во нападот на Капитол на 6 јануари 2021 година, го опиша како „инспирација“.

Твитер трајно го суспендираше неговиот профил во 2018 година поради кршење на правилата на платформата за говор на омраза, а Фејсбук и Инстаграм го забранија од истата причина во 2019 година. Откако Елон Маск го презеде Твитер (сега X), профилот на Робинсон беше повторно отворен во ноември 2023 година, а тој досега собра 1,6 милиони следбеници.

Пресуди и затворски казни

Робинсон е осуден повеќе пати и бил во затвор пет пати, првиот пат во 2005 година за напад врз полицаец. Во јули 2011 година, тој беше прогласен за виновен за водење група навивачи на Лутон во масовна тепачка со навивачите на Њупорт Каунти и доби 150 часа општествено корисна работа и тригодишна забрана за присуство на натпревари.

Во јануари 2013 година, тој беше осуден на десет месеци затвор за користење туѓ пасош за влез во САД, а во јануари 2014 година, беше осуден на 18 месеци затвор за измама со хипотеки.

Во 2018 година, тој беше уапсен за кршење на правилата за судско известување кога снимал надвор од судот за време на судењето. По жалбите и поништувањето на првичната пресуда, во јули 2019 година повторно беше прогласен за виновен за непочитување на судот и осуден на девет месеци затвор.

Бидејќи веќе беше во притвор неколку недели во 2018 година, и бидејќи британскиот систем дозволува автоматско ослободување по отслужување на половина од казната, тој беше ослободен по девет недели, на 13 септември 2021 година.

Вознемируваните новинари кои го истражуваа, доби 5-годишна забрана за приближување

Истата година, Робинсон се појави пред домот на новинарката на „Индипендент“, Лизи Дирден, и нејзиниот партнер, откако дозна дека работат на приказна за него. Тој ангажираше приватен истражител за да ја пронајде нивната адреса, ги снимаше и ги објави снимките на социјалните мрежи, а се закануваше на нејзиниот партнер и упати сериозни обвинувања, вклучително и педофилија.

Поради таквото однесување, во октомври 2021 година, судот му изрече петгодишна забрана да им се приближува и да контактира со Дирден и нејзиниот партнер. Во текот на тој процес, Робинсон се претстави јавно како жртва на потиснување на слободата на говорот и се појави во програмата Infowars, каде што јавно побара политички азил во САД, иако не поднесе формално барање.

Ширеше лаги за сирискиот тинженер, неговото семејство беше принудено да се пресели

Откако го изгуби случајот за клевета против сирискиот тинејџер Џамал ​​Хиџази во 2021 година, на Робинсон му беше наредено од суд да плати 100.000 фунти отштета и му беше забрането да дава лажни тврдења за него во иднина.

Судијата потоа заклучи дека неговите објави, во кои тој тврдеше дека Хиџази е „насилник“ кој „напаѓа млади англиски жени“ и дека „му се заканил на едно момче со нож“, беа целосно неосновани и доведоа до тоа Хиџази да стане жртва на закани и злоупотреби, што го принуди неговото семејство да се пресели, а тој мораше да го напушти училиштето.

И покрај оваа забрана, помеѓу февруари и јуни 2023 година, Робинсон ги повтори истите тврдења во интервјуа и во својот филм „Замолчени“.

Во мај 2025 година, Врховниот суд му ја намали казната за четири месеци, откако тој отстрани дел од забранетата содржина и гарантираше дека нема повторно да ја објавува. Робинсон беше ослободен од затворот Вудхил на 27 мај 2025 година.

И покрај сè, Робинсон сè уште има големо влијание врз британската крајна десница. Неговиот дострел на интернет, редовните појавувања на митинзи и мрежата на сојузници во странство го држат во центарот на британската дебата за миграцијата, безбедноста и слободата на говорот, честопати среде бранови дезинформации и тензии на улиците.

(Индекс.хр)

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk