Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека во текот на следната недела ќе се сретне со дански претставници и претставници на Гренланд, кој е данска автономна територија, со кои ќе разговара за желбата на Соединетите Американски Држави да го преземат Гренланд.
„Ќе се сретнам со нив следната недела. Потоа ќе ги водиме тие разговори со нив“, изјави Рубио пред новинарите на Капитол Хил, наведува Ројтерс.
На прашањето дали американскиот претседател Доналд Трамп планира САД да го купат Гренланд, Рубио рече дека тоа отсекогаш била намера на претседателот.
„Доколку претседателот идентификува закана за националната безбедност на Соединетите Американски Држави, секој претседател ја задржува можноста да се справи со неа со воени средства. Како дипломат, она што го правам сега и она на што работиме, секогаш претпочитаме да го решиме на различни начини“, рече Рубио.

Трамп, кој прв ја изнесе идејата за преземање контрола врз Гренланд во 2019 година за време на неговиот прв мандат како претседател, тврдеше дека островот е клучен за воената стратегија на САД и дека Данска не направила доволно за да го заштити.
Белата куќа вчера соопшти дека Трамп разгледува опции за преземање на стратешкиот арктички остров, вклучително и потенцијално користење на американската војска, и покрај европските противења.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата