Четири лица се лишен од слобода поради сомнеж за поврзаност со синоќешниот инцидент на плоштадот пред Операта во белгискиот град Антверпен, при кој шест лица се здобија со убодни рани или исеченици откако биле жртви на напад со нож, соопшти денеска локалната полиција.
Двајца од повредените беа во критична состојба, но според последните информации тие се надвор од животна опасност. Четири од жртвите беа пронајдени на плоштадот пред Операта, а останатите две во две околни улици.
Полицијата ги истражува околностите околу инцидентот. Форензичари спровеле форензички анализи, а полицијата ги прегледува и снимките од околните безбедносните камери.
Полицијата сè уште не соопшти дополнителни информации за мотивите за нападот, што се случил кон крајот на прокурдски протест на кој присуствувале 200 до 300 лица.
- Демонстрациите беа мирни. На крајот од демонстрациите се слушна мала врева и се покажа дека неколку лица се повредени со убодни рани или исеченици, изјави портпролот на локалната полиција Ваутер Браунс.
Тој соопшти дека по инцидентот извршени се претреси на домовите на четворицата приведени.
- Она што овие претреси можеби го дале, а можеби и не, е дел од судската истрага, додаде Браунс.
Според медиумските информации, еден од приведените е 18-годишен бегалец од Сирија, кој повеќе од една година живее во Холандија.
Локалната курдска организација Навбел оцени дека станува збор за „терористички мотивиран напад врз курдската заедница во Антверпен“, како реакција на „протестите против џихадистичките напади врз Курдите во северна Сирија“.
Полицијата сепак оцени дека е „прерано да се зборува за терористички чин“ и привремено инцидентот го класифицира како „обид за убиство“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата