logo
logo
logo

Чешкиот претседател неформално му довери на Бабиш да започне преговори за нова влада

Vecer | 27.10.2025

Чешкиот претседател неформално му довери на Бабиш да започне преговори за нова влада

Претседателот на Чешка Петер Павел денеска неформално му довери на лидерот на АНО и поранешен премиер Андреј Бабиш да започне разговори за формирање нова влада, откако неговото движење Акција на незадоволните граѓани (АНО) победи на парламентарните избори одржани на 3 и 4 октомври.

Бабиш, кој е еден од најбогатите луѓе во земјата, сè уште не е официјално именуван за мандатар, бидејќи во Чешка постои практика – иако не е утврдена со Уставот – шефот на државата најпрво да му довери некому само водење преговори за состав на влада. Тоа не мора да биде победникот на изборите, ниту идниот премиер, туку политички лидер кој има реални шанси да обезбеди парламентарно мнозинство.

Павел денеска го прими Бабиш, кој му ја претстави речиси целосната нацрт-програма на идната влада. Освен АНO, во неа би влегле и екстремно десничарската Слобода и директна демократија (СПД) на Томио Окамура, како и новата евроскептична и конзервативна партија „Автомобилисти за себе“.

„Претседателот очекува дека Бабиш ќе предложи влада која на ниту еден начин нема да ги поткопа темелите на нашата демократска држава, утврдени во Уставот“, соопштија од кабинетот на чешкиот претседател по средбата.

Бабиш истакна дека со Павел разговарал пред сè за идната надворешна политика и нагласи дека Чешка останува цврсто ориентирана кон Европската Унија и НАТО, без какво било приближување кон Русија.

Антиевропските, антиимигрантски и антиукраински радикали од СПД ќе го добијат местото претседател на Долниот дом на Парламентот за својот лидер Окамура, а ќе именуваат и експерти блиски до Бабиш во владата – особено на позицијата министер за одбрана, која им припаднала. Во замена за тоа, тие се откажале од своето предизборно барање за распишување референдум за излез на Чешка од НАТО и ЕУ.

- Мислам дека претседателот беше задоволен, изјави Бабиш по средбата.

Официјалното именување на Бабиш за премиер се очекува дури откако коалициските партнери ќе ја усогласат владината програма и ќе го потпишат коалицискиот договор, што, според Бабиш, би можело да се случи кон крајот на ноември или почетокот на декември.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk