logo
logo
logo

Цените на храната достигнаа двегодишен максимум поради поскапување на месото и маслата

Vecer | 04.07.2025

Цените на храната достигнаа двегодишен максимум поради поскапување на месото и маслата

Во јуни цените на храната се искачија близу до нивото од пред две години, покажува најновиот извештај на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите Нации. Овој тренд е резултат на порастот на цените на месото и растителните масла, што ги надмина поевтините шеќер и житарки.

Индексот на цените на храната на ФАО во јуни изнесуваше 128,0 поени, што е зголемување од 0,5 отсто во споредба со мај и се доближи до врвот од април – 128,2 поени. Во однос на истиот месец лани, индексот е за 5,8 проценти повисок.

Растителните масла најмногу се поскапи – за 2,3 проценти. Овој раст е резултат на зголемената побарувачка во биогоривната индустрија, додека на пазарот на сончогледово масло се бележи благо намалување поради добрите приноси во црноморскиот регион.

Цените на храната на глобално ниво повторно растат. Извор: ФАО
Цените на храната на глобално ниво повторно растат. Извор: ФАО

Цените на месото исто така бележат значаен раст – за 2,1 отсто и го достигнаа највисокото ниво откако се врши мерење, бидејќи порастот на цените на говедско, свинско и овчо месо ги надмина пониските цени на живината.

И млечните производи пораснаа за 0,5 проценти – поради ограничената понуда во Океанија и Европската Унија, како и поради континуирана побарувачка во азиските земји, што доведе до рекордни цени на путерот.

За разлика од ова, шеќерот продолжи да поевтинува четврти месец по ред и во јуни се намали за 5,2 проценти споредено со мај – достигнувајќи најниско ниво од април 2021 година. Главна причина се позитивните прогнози за родот на шеќерна трска во Бразил, Индија и Тајланд поради добрите климатски услови и зголемени површини.

И цените на житарките се намалија за 1,5 процент на месечно ниво. Овој пад е поттикнат од голема понуда на пченка од Аргентина и Бразил, додека цената на пченицата расте поради страв од суша што може да ги загрози приносите во Русија, САД и некои делови од Европа.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk