Данска денес официјално го презеде шестмесечното ротирачко претседателство со Советот на Европската Унија, истакнувајќи ја безбедноста и конкурентноста како клучни приоритети на ЕУ, беше објавено на веб-страницата на данското претседателство со Советот на Европската Унија.
Данската премиерка Мете Фредериксен изјави дека Европа е во „пресуден момент“, нагласувајќи дека „слободата и просперитетот повеќе не можат да се земаат здраво за готово“.
„Претседателството со ЕУ ѝ нуди на Данска единствена можност да ја зајакне европската агенда и ние сме подготвени да ја искористиме. Во денешниот променлив геополитички пејзаж, Европа мора да стане значително посилна, и економски, и политички, и воено. Затоа поставивме амбициозна програма за претседателство насочена кон зајакнување на одбраната и безбедноста на ЕУ, поддршка на Украина и справување со нелегалната миграција. Сите овие се агенди во кои Данска веќе презеде водечка улога во рамките на ЕУ. Во исто време, ќе работиме на подобрување на условите за европските бизниси преку намалување на регулаторните оптоварувања, а воедно ќе ја одржиме нашата посветеност на зелената транзиција. Ова ќе ја зајакне долгорочната конкурентност на Европа. Данската влада е подготвена да се фати за работа и со нетрпение очекуваме да постигнеме опипливи резултати“, изјави данската министерка за европски прашања, Мари Бјер.
Данска ја наследи Полска во улогата на ротирачко претседателство, а со тоа и одговорноста да функционира како неутрален посредник меѓу 26-те други членки на Унијата.
Што значи претседателството со Советот на ЕУ?
Оваа улога вклучува:
– медијација во преговорите,
– градење компромиси и
– претставување на Советот на ЕУ во разговорите со Европскиот парламент.
Ова е осми пат Данска да ја презема оваа функција.
„Политиката на проширување останува висок приоритет“
Шефот на делегацијата на ЕУ во Србија, Емануеле Жиофре, вчера изјави дека Данска го презема претседателството со Советот на Европската Унија од Полска во „предизвикувачки момент“ и дека политиката на проширување ќе остане главен приоритет за ЕУ во наредниот период.
Пред панел-дискусијата „Од Полска до Данска: Заеднички пат во вонредни времиња“ организирана по повод данското претседателство со Советот на ЕУ, Жиофре рече дека полското претседателство вложило голем напор за унапредување на процесот на проширување во Западен Балкан. Жиофре нагласи дека е сигурен оти Данска ќе продолжи да ги прави работите што беа започнати за време на полското претседателство со Советот на ЕУ.
Данската амбасадорка во Србија, Пернил Далер Кардел, изјави дека ова е осми пат Данска да претседава со Советот на ЕУ и дека е очигледно дека претседателството ќе биде под влијание на времето во кое се одвива.
– Нашето претседателствување се одвива во време кое брзо се менува и е непредвидливо. „Ова е време кога треба да одговориме на работите што се појавуваат многу побрзо отколку што сме навикнати“, рече таа.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата