logo
logo
logo

НЕТАНЈАХУ ДЕМАНТИРА ДЕКА ТРАМП СТАВИЛ ВЕТО ЗА АТЕНТАТ НА АЈАТОЛАХОТ: „Ќе го направиме она што мораме да го направиме“

Vecer | 15.06.2025

НЕТАНЈАХУ ДЕМАНТИРА ДЕКА ТРАМП СТАВИЛ ВЕТО ЗА АТЕНТАТ НА АЈАТОЛАХОТ: „Ќе го направиме она што мораме да го направиме“

Доналд Трамп го отфрли израелскиот план за атентат врз врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, објави Ројтерс, повикувајќи се на двајца американски функционери. Според извештајот, предлогот бил поднесен во последните денови, но Трамп ставил вето на него.

Нетанјаху демантира

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги негираше тврдењата дека Трамп спречил израелски план за атентат врз врховниот лидер на Иран, ајатолахот Хамнеи.

Во интервју за Фокс њуз“, Нетанјаху изјави:

„Постојат многу лажни извештаи за разговори што никогаш не се случиле и нема да навлегувам во тоа. Но, можам да кажам дека ќе го направиме она што мораме да го направиме. И мислам дека Соединетите Држави знаат што е добро за нив.“

Тој додаде дека нападите ќе престанат кога ќе бидат отстранети нуклеарните капацитети на Иран.

Советникот за национална безбедност Цачи Ханегби, исто така, го негира извештајот, нарекувајќи го „лажни вести од највисок ред“.

Драматична ескалација

Веста доаѓа во време на ескалација на конфликтот меѓу Израел и Иран, кој започна со израелски воздушни напади врз ирански воени и нуклеарни цели во четвртокот навечер.

Во нападите загинаа високи ирански воени функционери, вклучувајќи го началникот на Генералштабот, генерал Мохамад Багери, командантот на ИРГК Хосеин Салами, командантот на воздухопловните сили на ИРГК Амир Али Хаџизадех и командантот на штабот на „Хатам ал-Анбија“, генерал Голамали Рашид.

Меѓу убиените беа истакнати нуклеарни научници, како што се поранешниот шеф на Иранската организација за атомска енергија Ферејдун Абаси-Давани, деканот на Факултетот за нуклеарни науки на Универзитетот „Шахид Бехешти“ Ахмадреза Золфагари Дарјани и претседателот на Исламскиот универзитет „Азад“, Мохамед Мехди Техранчи.

Кој е ајатолахот?

Ајатолахот Али Хамнеи, кој има 85 години, е врховен лидер на Иран од 1989 година и е најмоќната политичка и религиозна фигура во земјата. Неговиот авторитет ги надминува сите други институции, вклучувајќи ги претседателот и парламентот, и тој има клучна улога во обликувањето на надворешната политика и нуклеарната програма на Иран.

Судирите меѓу Израел и Иран продолжуваат трет ден по ред, со десетици жртви од двете страни. Според активистите за човекови права, израелските напади во Иран резултирале со најмалку 406 мртви и 654 ранети, додека Иран возвратил со повеќе од 270 ракети, од кои 22 ја погодиле израелската територија, при што загинале најмалку 14 лица, вклучувајќи и деца.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk