Емирот на Катар Тамим бин Хамад ал-Тани и катарскиот премиер Мухамед Абдулрахман Ал-Тани реагираа на израелскиот напад врз таа земја.
Тие го предупредија претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, декат израелскиот напад врз лидерите на Хамас на територијата на Катар нема да придонесе, туку ќе ги загрози напорите за постигнување договор за примирје и ослободување на заложниците меѓу Израел и Хамас, објавува „Тајмс оф Израел“.
За време на телефонскиот разговор со Трамп, катарскиот емир и премиер го изразија своето негодување поради израелскиот напад и рекоа дека очекуваат САД да го осудат нападот, со оглед на тоа што е прекршено меѓународното право и дека нападот се случил на територијата на американски сојузник, изјави неименуван дипломатски извор.
По тие разговори, Белата куќа го осуди нападот, но во исто време застана зад тврдењето на Израел дека овие напади би можеле да претставуваат „можност за мир“ и дека отстранувањето на лидерот на Хамас е „достојна цел“, наведува израелскиот портал.
Катар ја информираше администрацијата на Трамп порано денес дека привремено ги суспендира напорите за посредување за постигнување прекин на огнот и договор за заложници меѓу Хамас и Израел, изјави дипломатски извор запознаен со ова прашање за „Тајмс оф Израел“.
Во раните фази од војната, Катар ги суспендираше своите напори за посредување поради фрустрација од страните во конфликтот, но потоа се врати на преговарачката маса на барање на САД, кои ја ценат улогата што Доха ја игра во процесот, наведува „Тајмс оф Израел“.
Трамп: Се чувствувам многу лошо; Нема да се случи повторно
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека се чувствува „многу лошо“ поради израелскиот напад во Доха, нагласувајќи дека го смета Катар за „силен сојузник и пријател“ на Соединетите Американски Држави.
„Сакам СИТЕ заложници и телата на загинатите веднаш да бидат ослободени и оваа војна да заврши, СЕГА! По нападот, разговарав со премиерот Нетанјаху. Премиерот ми рече дека сака мир. Верувам дека овој несреќен инцидент може да послужи како можност за МИР“, напиша Трамп. Тој додаде дека разговарал и со емирот и премиерот на Катар и им се заблагодарил за нивната „поддршка и пријателство“ кон Соединетите Американски Држави.
„Ги уверив дека ништо вакво нема да се случи повторно на нивна почва“, рече тој, додавајќи дека му наложил на американскиот државен секретар, Марко Рубио, да го финализира „Договорот за соработка во одбраната“ со Катар.
Трамп нагласи дека одлуката за напад на лидерите на Хамас во Доха не ја донел тој, туку израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
„Бомбардирањето на суверена држава и близок американски сојузник, кој храбро презема ризици обидувајќи се да посредува во мирот, не ги унапредува целите на Израел или на Америка“, рече тој.
Сепак, додаде дека „елиминацијата на Хамас, кој профитира од несреќата на народот во Газа, е достојна цел“.
Тој исто така рече дека веднаш откако дознал за израелскиот план за напад, му наложил на специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, да го извести Катар, но било предоцна да се спречи нападот.
На социјалната мрежа „Truth Social“, Трамп објави дека американската војска ја информирала неговата администрација за израелскиот напад наутро.
„Утрово американската војска ја извести мојата администрација дека Израел го напаѓа Хамас, кој за жал се наоѓа во дел од Доха, главниот град на Катар“, напиша Трамп.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата