Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху порача дека менувањето или паѓањето на актуелната власт во Иран не е цел на евентуалните израелски напади врз оваа земја, но го призна како можен исход од конфликтот.
Прашањето за промена на режимот или падот на овој режим пред сè е работа на иранскиот народ. Никој друг не може да го направи тоа. Затоа не го наведовме како цел. Може да биде резултат, но тоа не е формално определена цел на Израел.
Во однос на нуклеарната програма на Иран, Нетанјаху изјави дека Израел може да ги уништи сите нуклеарни реактори во земјата самостојно, без разлика дали САД ќе се приклучат во акцијата или не. Оваа изјава дојде пред Белата куќа да објави дали во следните две недели САД ќе се придружат на евентуални операции против Иран.
Воени експерти сметаат дека за целосно уништување на нуклеарниот објект Фордо, кој се наоѓа под планина во близина на градот Ком и има клучна улога во нуклеарната програма на Иран, на Израел би му била потребна воена помош од САД, првенствено специјални бомби за рушење бункери.
На прашањето дали Израел може да го разруши објектот Фордо и без поддршка од САД, Нетанјаху изјави:
Можеме да ги уништиме сите наши цели, вклучително и нивните нуклеарни објекти, но одлуката на претседателот на САД е дали ќе се приклучи или не. Тој ќе дејствува во интерес на својата земја, а јас ќе ги бранам интересите на Израел. Секој има своја одговорност.
Американскиот претседател Доналд Трамп во средата изјави дека САД имаат можност сами да го уништат објектот Фордо, но додаде: "Тоа не значи дека наистина ќе го направам тоа."
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата