Иранките отсега ќе можат да добијат возачка дозвола за управување со мотоцикли, откако потпретседателот на Иран, Реза Ареф, ја усвои потребната уредба.
Во минатото, жените во големите, сообраќајно заглавени градови во Иран возеле мотоцикли без дозвола. Иако не постоела формална забрана за таква практика, нејзината правна основа била нејасна, јавува Deutsche Presse Agentur (dpa).
На жените им било дозволено да купуваат мотоцикли и да ги регистрираат на свое име, но законски не им било дозволено да ги управуваат. Новата уредба со тоа ја затвора правната празнина.
Одлуката беше резултат на повеќемесечни парламентарни дискусии, со силно противење од ултраконзервативци и верски авторитети, кои сметале дека жените на мотоцикли се „неисламски“. Тие истакнувале дека жените не можат да ги почитуваат обврзните правила за облекување за време на возењето.
Некои противници на оваа промена тврделе дека жените би можеле полесно да патуваат на протести и дека би било потешко да се контролираат. Други ги обвинувале жените дека се поподложни на предизвикување сообраќајни незгоди.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата