Повторно инцидент во Хормушкиот теснец. Канцеларијата за поморски трговски операции на Обединетото Кралство (UKMTO) наведува дека еден танкер наводно бил погоден од непознат проектил. Повикувајќи се на неименуван американски функционер, The Wall Street Journal објави дека иранскиот Корпус на исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) пукал врз два комерцијални брода во близина на теснецот. Axios, исто така повикувајќи се на неименувани американски функционери, објави дека Иран истрелал проектили кон комерцијални бродови кои поминувале низ теснецот.
Од UKMTO наведуваат дека бродот се наоѓал осум наутички милји источно од Лимах во Оман кога наводно бил погоден од левата страна, што предизвикало пожар. Се додава дека нема пријавени жртви или влијание врз животната средина.
Пријавениот напад се случи само неколку часа пред заминувањето на американскиот претседател Доналд Трамп на важниот самит на НАТО во Анкара, Турција, каде се очекува лидерите да разговараат за безбедноста во теснецот. Истовремено, Иран одбележува повеќедневен погреб за својот убиен поранешен врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи. CNN побара коментар од Централната команда на САД, која ги води воените операции на Блискиот Исток, Централна и Јужна Азија.
Властите во Иран повеќепати го користеа Хормушкиот теснец – низ кој пред војната течеше околу една петтина од светската сурова нафта – како адут за преговори. Техеран се обиде да го зајакне своето влијание нагласувајќи дека членовите на екипажот мора да добијат дозвола за преминување на теснецот преку рутите одобрени од неговите функционери. Во неделата, ИРГЦ предупреди дека нејзината морнарица распоредила патролни бродови за да ја блокира „оманската рута“, објавија иранските медиуми и Телеграм-каналот поврзан со ИРГЦ.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата