logo
logo
logo

Вистината боли: КАКО ДИГИТАЛНИТЕ АРХИВИ ГИ ИЗБРИШАА СЕМЕЈНИТЕ ЛАГИ ВО ГЕРМАНИЈА

Vecer | 11.07.2026

Вистината боли: КАКО ДИГИТАЛНИТЕ АРХИВИ ГИ ИЗБРИШАА СЕМЕЈНИТЕ ЛАГИ ВО ГЕРМАНИЈА

Откако Националниот архив на Соединетите Американски Држави овозможи онлајн пристап до милиони членски карти на Националсоцијалистичката германска работничка партија (НСДАП), многу Германци дојдоа до непријатни откритија, пишува Дојче Веле.

„Мојот дедо отсекогаш го доживував како лево ориентиран човек, близок до синдикалното движење, а сега неговото име се појави и во евиденцијата на НСДАП.“ Но, во семејството отсекогаш се зборуваше дека дедото по таткова линија имал целосно чисто минато, изјави Хано Даненфелд за Дојче Веле.

Тој е еден од безбројните Германци кои сакаат да дознаат дали членовите на нивните семејства биле припадници на НСДАП и кои, по објавувањето на членските карти, побрзаа кон Националниот архив на САД. Тоа, сепак, предизвика големо разочарување: од една страна, архивот често е недостапен поради огромниот број посети, а од друга страна, корисничкиот интерфејс е тежок за користење. За да го најдат она што го бараат, корисниците најпрво мора да прегледаат голем број документи.

Германска алатка го олеснува пребарувањето

Поради тоа, германскиот неделник „Цајт“ разви алатка која значително го поедноставува пребарувањето. Доволно е да се внесе името, евентуално годината и местото на раѓање, и резултатот веднаш се прикажува. Ова би можело да биде интересно и за луѓето во Јужна Америка, со оглед на тоа што многу нацисти по Втората светска војна се криеле таму. Сепак, за користење на оваа услуга потребна е претплата.

Ако се пронајде бараното име, тоа може да биде болно искуство. Бидејќи тоа често значи дека сопственото семејство, по неколку децении, одеднаш се согледува во сосема поинакво светло. Од една страна постојат спомените за грижливиот дедо, подготвен за секоја шега, а од друга страна сега постои недвосмислена потврда: токму тој дедо бил член на нацистичката партија.

По војната, речиси во ниту едно семејство не се зборуваше за злосторствата од времето на нацизмот, а уште помалку за сопствената улога. Според едно истражување:

  • Повеќе од две третини од Германците веруваат дека нивните предци не биле сторители на нацистички злосторства.
  • Речиси 36 отсто сметаат дека нивните роднини биле меѓу жртвите.
  • Повеќе од 30 отсто веруваат дека нивните предци им помагале на потенцијалните жртви на нацизмот (на пример, криеле Евреи).

Но, ова има малку врска со реалноста. Активен отпор пружало само околу еден процент од населението. Во 1945 година, секој петти полнолетен Германец бил еден од вкупно 8,5 милиони членови на Партијата и со тоа, барем формално, го поддржувал системот на неправда.

Без свест за вина: „Тоа се сепак угледни луѓе“

По војната, сето тоа со задоволство се потиснувало. Германија била разорена, под окупација на Американците, Британците, Французите и Русите. Адолф Хитлер извршил самоубиство и така ја избегнал правдата, додека на останатите главни воени злосторници им се судело на Нирнбершките процеси и тие биле осудени.

„Секогаш постои претставата: добро, тоа се сега сторителите. Но, на тој начин остатокот од општеството останува недопрен“, изјави за Дојче Веле културологот Алеида Асман.

Тоа се промени кога пред суд беа изведени и лекари, индустријалци и државни службеници, кои мораа да одговараат за своите недела за време на нацистичкиот режим. „Тогаш луѓето велеа: 'Па сега практично сите се на обвинителна клупа. Тоа не може да биде во ред. Тоа се сепак угледни луѓе'“, објаснува Кристијан Штас, уредник на редакцијата за историја во весникот „Цајт“. „Германците тогаш почнаа да се противат на таквите постапки. Мнозинството се гледаше себеси како жртва на нацизмот, а не како виновници.“

Тврдеа и дека ништо не знаеле за масовните убиства на Евреите. Затоа, во рамките на програмата за „превоспитување“, сите Германци, под притисок на сојузничките власти, мораа во кината да гледаат документарни филмови за ослободените концентрациони логори. Со тоа се настојуваше да се спречи колективното потиснување на вистината од страна на целиот народ.

Речиси секој добива потврда дека е чист

Истовремено започна процесот на т.н. денацификација. Секој Германец мораше да пополни опсежни прашалници со лични податоци, податоци за професионалната кариера и членството во нацистичката партија. Се разбира, сите се трудеа да се прикажат што е можно побезопасни. Дури и припадник на СС можел да биде денацификуван ако доволно уверливо тврдел дека не ја поддржувал нацистичката идеологија. Како оправдување, на пример, се наведувало дека без тоа не било можно да се продолжат студиите, но дека човекот, инаку, бил против нацистите.

Во секојдневниот говор, потврдите за денацификација потсмешливо биле нарекувани „Персил потврди“, по детергентот кој „особено добро пере бело руво“. „Белата е боја на чистотата, беспрекорноста и, секако, невиноста“, вели Алеида Асман. Со концептот на „Персил“, објаснува таа, луѓето симболично ја испрале сопствената вина.

За западните сојузници, пред сè за Американците, било важно од Германија повторно да создадат функционална држава. „Сакаа да направат јасен рез и да овозможат нов почеток. Нацистичкото општество требаше да се претвори во демократско, но со истите луѓе. Како да се постигне тоа? Така што ќе се заборави. За тоа повеќе не се зборуваше.“

Конрад Аденауер, првиот канцелар на Сојузна Република Германија, на тоа гледал прагматично: „Не се истура валкана вода ако нема чиста“, рекол тој, оправдувајќи го со тоа вклучувањето на поранешните нацисти во новата влада.

Дури следната генерација почна да поставува прашања

По војната, Германците биле преокупирани со обнова на земјата разурната од бомбардирањата, а во педесеттите години следувало економското чудо и нов просперитет. Дури следната генерација почнала да им поставува непријатни прашања на своите родители.

Историски момент се случи во 1968 година, кога активистката Беате Кларсфелд му удри шлаканица на тогашниот германски канцелар Курт Георг Кизингер со повиците: „Нацист, нацист!“ Тој некогаш бил висок функционер на нацистичката партија, верен службеник на Хитлер и на крајот началник на оддел во радиодифузната служба на Рајхот.

„Уште една пресвртница во соочувањето со минатото беше телевизиската серија 'Холокауст' од крајот на седумдесеттите години“, вели уредникот на „Цајт“, Кристијан Штас. Секој можеше на телевизискиот екран да ја следи судбината на еврејското семејство Вајс. Американската серија предизвика жива дебата за вината на секој поединечен Германец, бидејќи речиси секој бил сведок на депортацијата на Евреите.

Картоните покажуваат вмешаност – и предизвикуваат одбранбени реакции

Сепак, рефлексот на релативизација трае до денес. По принципот: доста беше веќе. Така е и во семејството на Хано Даненфелд. За неговиот дедо по мајчина линија во семејството се знаело дека бил член на Напола, елитно интернатско училиште во кое нацистите ги школувале идните воени и политички водачи.

„Но, штом се работи за сопственото семејство, подготвеноста за подлабоко истражување нагло опаѓа“, вели Даненфелд. „Кога ќе ги соочите луѓето со тоа, многу брзо се јавува реторика на оправдување. Во случајот на мојот дедо: 'Беше многу млад, татко му го испрати во Напола. Подоцна, сепак, беше добар сопруг, добар татко и добар дедо.'“

Предоцна за да се прашаат сведоците на времето

Повеќе од осумдесет години по падот на нацистичкиот режим, тешко е да се разјаснат мотивите на предците за пристапување кон нацистите или да се одговори на прашањето дали некој бил убеден нацист или само следбеник на мнозинството. Извесен навестување може да даде датумот на пристапување во Партијата, вели Кристијан Штас: „Ако некој пристапил во Партијата пред 1933 година (годината на доаѓањето на нацистите на власт), може да се заклучи дека бил уверен во нејзината идеологија.“

„Мојот прадедо, на пример, беше меѓу првите што пристапија во 1933 година. Имаше и други кои во Партијата влегоа дури во 1942 или 1943 година“, вели Хано Даненфелд. „За жал, денес можеме само да претпоставуваме: можеби постоел притисок од околината. Или, како во случајот со другиот прадедо, кој беше трговец со стока и голем земјопоседник, имал деловни причини да пристапи во Партијата.“

Сепак, факт е дека никој не бил принуден да пристапи во нацистичката партија, ниту пак бил запишан во неа без негово знаење, како што се тврдеше во многу семејства. Хано Даненфелд жали што дури сега се открива кој некогаш бил член.

„Жал ми е за сите разговори во кои таа тема едвај се допираше. Немавме ништо за што би можеле да се фатиме. Немавме ништо црно на бело, какo што сега одеднаш имаме благодарение на овие членски карти. А сепак станува збор за едно од најголемите злосторства во историјата на човештвото.“

Што учиме од минатото?

Денес Германија во странство се смета за светски првак во соочувањето со минатото. Стотици илјади „камења на сопнување“ на улиците потсетуваат на жртвите на нацизмот. Во срцето на Берлин се наоѓа Споменикот на убиените Евреи на Европа, а во училиштата посебно внимание се посветува на периодот на нацизмот.

Од друга страна, и во Германија јакне десниот екстремизам, додека десничарската популитичка партија Алтернатива за Германија (АфД) стекнува сè поголемо влијание. Хано Даненфелд се прашува дали наскоро би можеле повторно да проработат слични механизми како во времето на нацизмот: „Некои можеби размислуваат: 'Ќе се зачленам во АфД и така ќе направам кариера.' Сазнанието дека моето семејство тогаш не покажа особена цврстина ме наведува да размислувам колку е голема опасноста и денес.“

Како што вели една жена која ја интервјуираше весникот „Цајт“, суштинското прашање веќе не е упатено кон минатото, туку кон нас самите: „Како ќе постапиме ако се променат политичките прилики – и дали тогаш ќе имаме храброст да ги сносиме последиците и да ги заштитиме нашите темелни демократски вредности?“

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk