Американскиот претседател Доналд Трамп упати жестоки критики до НАТО, нарекувајќи го односот на САД со воената алијанса „смешен“ и „едностран“. На својата платформа „Трут Сошал“ (Truth Social), Трамп напиша дека европските сојузници „не биле тука за Америка“ и нагласи дека Вашингтон веќе презема чекори за намалување на своите обврски, барајќи од Европа да ја преземе водечката улога во сопствената одбрана. Тој објави и графикон кој покажува дека САД трошат енормно повеќе пари во споредба со останатите членки.
Главниот револт на Трамп доаѓа од одговорот на европските сојузници кон војната во Иран, откако неколку земји одбија да ги отстапат своите воени бази за американските сили во Блискиот Исток. Под силен притисок на Вашингтон, лидерите на НАТО минатата година веќе се согласија да ги зголемат трошоците за одбрана на дури 5% од БДП до 2035 година, но Трамп останува разочаран што сојузниците одбиваат активно да се вклучат во нападите врз Иран.
Американскиот државен секретар Марко Рубио потврди дека ова разочарување на Трамп ќе биде главна тема на претстојниот Самит на НАТО кој ќе се одржи на 7 и 8 јули во Анкара, Турција. Според Рубио, овој самит на 32-те земји членки ќе биде еден од најважните во 77-годишната историја на пактот, бидејќи ќе мора директно да се решава сериозниот раскол меѓу САД и Европа кој ја загрозува иднината на алијансата формирана во 1949 година.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата