Според зборовите на портпаролот на „Штромнец“, причината за прекинот на електричната енергија е пожар на кабловска конструкција над Телтовскиот канал, при што се оштетени неколку кабли што водат до блиската електрана Лихтерфелде.
Поправката, според очекувањата, ќе трае цел ден, соопшти операторот, а се предвидува дефектот да биде отстранет околу 18:30 часот.
„Кога точно повторно ќе има струја, сè уште не е јасно“, изјави Хенрик Бојстер, портпарол на „Штромнец Берлин“. Снабдувањето ќе се обновува постепено.
Во погоденото подрачје има околу 50.000 домаќинства и 2.000 деловни корисници кои се отсечени од снабдување со електрична енергија, додаде портпаролот Бојстер.
Според информациите на „Билд“, најпрво се запалил градежен контејнер, а пламенот потоа се проширил и на електричните кабли. Пожарникарите биле повикани околу 6:12 часот. Сведок го забележал пламенот и ја повикал полицијата. Истражните органи во моментов се сомневаат на намерен напад, а криминалистичките инспектори се наоѓаат на местото на настанот.
Портпаролката на полицијата за „Билд“ потврди дека полицијата ја истражува сомнежта за намерно предизвикување пожар. Пожарникарите брзо го изгаснале пожарот на кабловската конструкција, но сторителите, според сè, знаеле што прават. Според истражителите, сторителите морале да имаат интерни информации за да предизвикаат што поголема штета.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата