Обединетото Кралство има најголеми залихи на овој опасен материјал во светот, кој се произведува како производ на преработка на нуклеарно гориво, јавува Би-Би-Си.
Плутониумот со години се складира во форма што ќе му овозможи да се рециклира во ново нуклеарно гориво. Меѓутоа, владата сега одлучила да не го користи повторно, туку планира да го стави „надвор од дофат“ и да го подготви за трајно отстранување длабоко под земја.
Кога потрошеното нуклеарно гориво се дели на неговите составни делови, еден од производите е плутониум.
Последователните влади го сочуваа за да ја остават отворена можноста за негово рециклирање во ново нуклеарно гориво.
Складирањето на овој високо радиоактивен материјал во сегашната форма е скапо и комплицирано. Контејнерите во кои се чува мора често да се пакуваат бидејќи радијацијата ги оштетува, а објектот го обезбедува вооружена полиција. Сето ова ги чини даночните обврзници повеќе од 70 милиони фунти годишно.
Владата одлучила дека најбезбедно и економски најисплатливо решение е да се „имобилизира“ целата залиха на плутониум.
Ова значи дека ќе биде изграден објект во Селафилд каде плутониумот ќе се претвори во стабилен материјал сличен на карпи, кој на крајот ќе биде отстранет длабоко под земја.
Во соопштението, секретарот за енергетика Мајкл Шанкс рече дека целта е „да се стави овој материјал надвор од дофат, во форма што ќе ја намали долгорочната закана за безбедноста за време на складирањето и ќе ја осигури неговата соодветност за крајно отстранување“.
Научникот за нуклеарни материјали, д-р Луис Блекбурн од Универзитетот во Шефилд, рече дека плутониумот ќе биде „претворен во керамички материјал“ кој, иако е сеуште радиоактивен, станува цврст и стабилен и се смета за безбеден за отстранување.
„Типот на керамиката допрва треба да се одреди, а изборот на вистинскиот материјал е предмет на тековно истражување.
Експертот за нуклеарен отпад, професорката Клер Корхил од Универзитетот во Бристол, одлуката на владата ја нарече „позитивен чекор“.
Таа изјави за Би-Би-Си дека одлуката ќе ги елиминира трошоците и ризиците за складирање на плутониум во Селафилд со „трансформација и заклучување во цврст, долготраен материјал кој ќе трае милиони години во објект за геолошки отстранување“.
„Овие материјали се засноваат на оние што ги наоѓаме во природата – природни минерали за кои знаеме дека чуваат ураниум милијарди години“.
Владата во моментов е во рана фаза на долгиот техничко-политички процес на избор на соодветна локација за изградба на длабок геолошки објект, кој ќе биде крајна дестинација за најопасниот радиоактивен отпад во земјата. Објектот не се очекува да биде оперативен пред 2050 година.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата