Во берлинскиот кварт Нојкелн, десетици луѓе ги прославија крвавите напади врз Израел. Полицијата поднела пријави, а политичарите велат дека овие луѓе „нема што да бараат во Германија“, пишува Дојче веле.
Берлинската полиција поднесе кривична пријава за „прославување и одобрување криминални дела“ против луѓето кои во саботата (7-ми октомври) им делеа слатки на минувачите во берлинскиот кварт Нојкелн, славејќи го нападот на Хамас врз Израел.
Според снимките на социјалните мрежи, поддржувачите на мрежата Samidoon - здружение за поддршка на палестинските затвореници - исто така носеле палестински знамиња додека делеле слатки.
На социјалната мрежа X, организацијата напиша: „Да живее отпорот на палестинскиот народ!“
Полицијата соопшти дека во областа Нојкелн, каде што повеќето од жителите имаат мигрантско потекло, имало низа постери и графити на арапски, нацртани калашникови и други знаци на поддршка за Хамас.
Прослава на улица
Во саботата вечерта се одржа пропалестински митинг во Сончевата уличка, главната улица во Нојкелн, со околу шеесетина учесници, за кои многу медиуми пишуваат дека имаат „арапско потекло“.
Полицијата одлучи да го прекине собирот бидејќи некои учесници носеа маски и затоа што постојано се повторуваа антиизраелски пароли. Подоцна двајца полицајци биле полесно повредени кога дел од учесниците на состанокот фрлале со шишиња кон нив.
Поднесени се шест кривични пријави и 36 прекршочни пријави.
„Не прифаќаме дека на нашите улици се слават одвратни напади против Израел“, рече во неделата канцеларот Олаф Шолц.
„Страдањето, уништувањето, смртта на толку многу луѓе не смеат да бидат причина за радост за никого.“
Во саботата Бранденбуршката порта во Берлин беше осветлена во боите на израелското знаме.
Полицијата низ Германија ги засили патролите околу синагогите и еврејските културни центри.
Осуди од сите страни
Голем број политичари ја осудија прославата на нападите на Хамас.
„Овие луѓе ги отфрлаат нашите вредности и овие луѓе немаат што да бараат овде“, рече генералниот секретар на либералите, Бијан Ѓир-Сарај. Тој рече дека таквите политички ставови мора да се земат предвид кога некому му се дава работна дозвола или државјанство.
Бернд Бауман од десничарската Алтернатива за Германија ја нарече „вина“ за „неуспешната миграциска политика на која секогаш предупредувавме“.
Генералниот секретар на СПД, Кевин Кинерт, исто така ги осуди ексцесите, но додаде:
„Не може секој проблем во нашето општество да биде депортиран. Затоа што има многу нехумани и антисемитски ставови во целото германско општество, а не само кај луѓето со мигрантско потекло“.
Крвави напади и одговор на Израел
Во нападите на Хамас за време на викендот загинаа најмалку 700 луѓе во Израел. Само на еден музички фестивал биле пронајдени 260 безживотни тела.
Околу стотина луѓе се како заложници во рацете на Хамас. Според германското Министерство за надворешни работи, меѓу нив има и двојни државјани на Германија и Израел.
Повеќе од 400 луѓе беа убиени во последователните израелски напади врз Појасот Газа.
Фото: профи
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата