Белата куќа синоќа ги објави имињата на членовите на така наречениот Комитет за мир кој, според планот на претседателот Доналд Трамп, ќе ја надгледува привремената администрација во Појасот Газа, каде примирјето од октомври минатата година секојдневно се прекршува.
Помеѓу имињата се американскиот државен секретар Марко Рубио, специјалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф, поранешниот британски премиер Тони Блер и зетот на Трамп, Џаред Кушнер, соопшти Белата куќа.
Трамп е претседател на Комитетот за мир.
На списокот од седум лица, од кои пет се Американци, кои го сочинуваат она што Белата куќа го нарекува „основачки извршен комитет“ се наоѓаат Марк Роуан, милијардерот и раководител на инвестицискиот фонд „Аполо глобал менаџмент“, претседателот на Светската банка, Аџај Банга, и Роберт Габриел, советник на Доналд Трамп, додека поранешниот бугарски министер за одбрана и поранешен претставник на ОН за Блиски Исток, ќе биде на висок претставник за Појасот Газа.
Секој од нив ќе надгледува дефиниран сектор неопходен за стабилизација и долгорочен успех на Газа, вклучувајќи го воспоставувањето структури на управување, регионални односи, реконструкција, привлечност на инвестиции, финансирање од големи размери и мобилизација на капитал, се наведува во соопштението на Белата куќа.
Поранешниот командант на специјалните операции на САД, генерал-мајор Џаспер Џеферс е именуван за командант на Меѓународните сили за стабилизација на палестинската територија.
Соопштението се совпаѓа со почетокот на работата на новоформираниот палестински технократски комитет задолжен за привремена администрација на Појасот Газа, кој ќе работи под надзор на Комитетот за мир.
Втората фаза од кревкото примирје, што стапи во сила на 10 октомври под притисок од САД, исто така повикува на разоружување на Хамас, постепено повлекување на израелските трупи од Појасот Газа и распоредување на Меѓународните сили за стабилизација.
Израел и Хамас се обвинуваат меѓусебно за кршење на примирјето во Појасот Газа, каде што повеќе од 440 Палестинци, вклучувајќи повеќе од 100 деца, и тројца израелски војници се убиени откако во октомври стапи во сили прекинот на огнот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата