Европската Унија размислува привремено да им го одземе правото на вето на идните земји членки во првите неколку години од нивното пристапување. Оваа радикална стратегија има за цел да го направи проширувањето политички поприфатливо за сегашните земји членки, во време кога Брисел се обидува да прими нови држави до крајот на оваа деценија, пишува „Гардијан“.
Според плановите што ги разгледува Европската комисија, земјите кандидати – како Молдавија и државите од Западен Балкан – по влезот во ЕУ нема автоматски да добијат право на вето за надворешнополитички одлуки или за прашања кои бараат едногласност, како што се даноците.
Црна Гора како модел за „втора класа“ членки?
Оваа идеја е најактуелна за Црна Гора, која важи за лидер меѓу деветте официјални кандидати за ЕУ. Земјата со 624.000 жители се бори да стане 28-ма членка на Унијата до 2028 година, а техничката група за изработка на нејзиниот пристапен договор веќе се состана за првпат.
Сепак, четири извори од ЕУ потврдуваат дека Брисел размислува за заштитни механизми за да спречи блокади. Стравот се зголеми по горчливото искуство со Унгарија и проруската политика на Виктор Орбан, кој блокираше клучни одлуки на ЕУ, вклучувајќи го и заемот од 90 милијарди евра за Украина. Привремената забрана за вето во договорот со Црна Гора би служела како шаблон и за следните членки. Експертите предупредуваат дека оваа мерка е на самиот раб на правото, бидејќи создава „членки од втора класа“.
Од црногорската влада порачаа дека нивната цел останува полноправно членство со сите права и обврски, но додадоа дека „не се противат на заштитните механизми“ доколку тие помагаат во одржливоста на реоформите.
Германија бара „асоцијативно членство“ за Украина, Зеленски експресно одби
Германскиот канцелар Фридрих Мерц испрати писмо до лидерите на ЕУ барајќи „иновативни решенија“ за Западен Балкан, но и предлог за „асоцијативно членство за Украина“ како прв чекор кон полноправна интеграција.
Оваа формулација би значела дека Украина би учествувала на состаноците на ЕУ и би била претставена во институциите, но без право на глас. Според Мерц, ова ги одразува реалностите на земја во војна и би ги олеснило тековните мировни преговори.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски веднаш ја отфрли оваа идеја преку социјалните мрежи:
„Местото на Украина во Европската Унија мора да биде комплетно – полноправно и еднакво.“
Стравот од француското „не“ во 2027 година
Политичкиот притисок за реформи доаѓа и поради претстојните претседателски избори во Франција во 2027 година. Скептицизмот за проширувањето таму расте – последниот Евробарометар покажува дека само 43% од Французите се „за“ нови членки, додека 48% се против. Европските дипломати сметаат дека мора да се размислува креативно за да се осигура Западен Балкан (регион со 17,4 милиони луѓе) пред таму целосно да превлада влијанието на Русија и Кина.
Германија притиска за внатрешни реформи во ЕУ и укинување на ветото воопшто, со став дека Унија од 35+ земји едноставно ќе се блокира самата себе.
Украина е посебен и скап случај
Во Брисел, Украина се третира одвоено од останатите кандидати поради нејзината големина, војната и енормните трошоци за обнова, кои се проценуваат на 588 милијарди долари – дури трипати повеќе од целата нејзина економија. Технички, Украина може да ги заврши преговорите за четири години, но датумот на влез останува чисто политичко прашање поврзано со мировниот договор со Русија.
Енгјелуше Морина, виш соработник во Европскиот совет за надворешни работи (ECFR), заклучува дека привременото одземање на ветото ќе им послужи на европските политичари полесно да им го „продадат“ проширувањето на своите гласачи, но и како заштита во случај некоја нова членка по изборите радикално да ја смени политиката во проруска насока.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата