Европските авиопревозници се соочуваат со критичен период кој би можел долгорочно да го дестабилизира воздушниот простор на континентот, што е особено загрижувачки за државите кои се потпираат на претстојната туристичка сезона. Проблемите се натрупуваат на три фронта: социјален немир, бирократски промени на границите и енергетска криза предизвикана од војната во Иран.
1. Бран штрајкови ја приземји „Луфтханза“
Германскиот авиосообраќај претрпе сериозен удар откако 19.000 пилоти и кабински персонал на „Луфтханза“ стапија во дводневен штрајк среде велигденските празници. Само во Франкфурт беа откажани 580 од планираните 1350 летови, додека во Минхен бројката достигна 400. Управата на компанијата го оцени штрајкот како неодговорен, нагласувајќи дека доаѓа во најлош можен момент – кога индустријата веќе се бори со високите цени на горивото.
2. Новиот систем ЕЕС предизвика хаос на аеродромите
Воведувањето на новиот систем за влез во ЕУ (Entry-Exit System - EES) создаде вистински метеж на големите аеродроми како Лисабон, Милано и Париз. Системот бара земање отсоци од прсти и фотографирање на патниците од трети земји (вклучувајќи ја и Велика Британија), што драматично го забави протокот. Во Милано, патници на „easyJet“ со часови беа заглавени во терминалите, додека во Лисабон редовите за проверка стигнуваа до рестораните, принудувајќи ги властите неколку пати привремено да го суспендираат системот за да го расчистат метежот.
3. Закана од недостиг на керозин
Најопасната закана доаѓа од енергетскиот сектор. Доколку Хормушкиот Теснец не биде целосно отворен во наредните три недели, Европа ќе се соочи со системски недостиг на авионско гориво. Цената на керозинот веќе енормно порасна – од 831 долар пред војната на фрапантни 1838 долари за тон минатата недела.
„Доколку снабдувањето преку Хормуз не се стабилизира, недостигот на гориво ќе стане реалност за ЕУ, со тешки економски последици по поврзаноста на континентот“, предупреди Оливие Јанковец, генерален директор на „ACI Europe“.
Поради овие притисоци, дел од авиокомпаниите веќе почнаа да ги кратат линиите и да ги зголемуваат таксите за патниците, а најзагрозени се малите регионални аеродроми кои тешко ја издржуваат финансиската нелогичност на новите цени.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата