Шпанската полиција денес соопшти дека разбила меѓународна мрежа составена главно од кинески и сириски државјани обвинети за перење пари преку неформален систем за трансфер на пари познат како „хавала“ (hawala).
Вкупно 17 лица беа уапсени во јануари како дел од оваа операција. Според Европол, кој учествувал во операцијата, 15 биле уапсени во Шпанија, а другите двајца во Австрија и Белгија.
Овие трговци со луѓе, обвинети за перење пари и припадност на криминална организација, „се главно од кинеска и сириска националност“, се вели во соопштението на европската агенција.
Според податоците на шпанската полиција, тие испрале вкупно 19 милиони евра помеѓу јуни 2022 и септември 2024 година.
За време на нивното апсење, запленети се 205.000 евра во готово, како и 183.000 евра во криптовалути, 18 возила, недвижен имот и шверцувани цигари во вредност од над 600.000 евра наменети за Кина.
Истрагата започна со разбивање на мрежа на шверцери на мигранти, главно Сиријци, меѓу Алжир и Шпанија.
Во оваа мрежа имало две различни гранки – една од арапско потекло која се занимавала со примање пари низ целиот свет и гранка од кинеско потекло која снабдувала пари во Шпанија во замена за криптовалути, соопшти шпанската полиција.
„Хавала“ е древен систем на финансиска компензација базиран на доверба, особено популарен меѓу работниците мигранти кои испраќаат пари дома. Потешко е да се следи од банкарските трансфери, а понекогаш е вклучен и во финансирање на тероризам.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата