Генералниот секретар на Хезболах, Наим Касем, изјави дека оваа организација со седиште во Либан отворено ја поддржува Иран во конфликтот со Израел и не се смета за неутрална страна.
Хезболах и Исламскиот отпор немаа неутрален став кон легитимните права и независноста на Иран, како и кон постапките на Америка, нејзината агресија и политиките на Израел и другите влијателни сили.
Стоиме зад Иран во оваа неправда, бидејќи се бориме за нашата независност, ослободување на нашата земја и слобода во носењето одлуки.
Лидерот потенцираше дека Хезболах со овој став јасно ја изразува својата наклонетост кон Иран, неговиот народ и неговото раководство.
Делуваме според сопственото убедување како одговор на израелско-американската агресија.
Од друга страна, американскиот амбасадор во Турција и специјален пратеник за Сирија, Томас Барак, упати предупредување до Хезболах да не се вмешува во ескалацијата меѓу Израел и Иран. Во изјава за време на посетата во Бејрут, Барак предупреди дека секоја интервенција од страна на оваа група би била "сериозно лоша одлука".
Конфликтот ескалираше во петокот кога Израел започна воздушни напади врз неколку локации во Иран, со мета на воени и нуклеарни објекти, што доведе до одговор на Иран преку ракетни напади. Според израелските власти, во овие напади досега загинале најмалку 24 лица, додека стотици се повредени.
Иранските медиуми информираат дека бројот на загинати во Иран достигнал 585, а над 1.300 лица се ранети од израелските напади.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата