Кина е подготвена да продолжи со соработката со Русија во Советот за безбедност на Обединетите нации со цел да се смират тензиите на Блискиот Исток, изјави кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји во разговор со неговиот руски колега Сергеј Лавров, повикувајќи на прекин на огнот.
Според Ројтерс, Ванг истакнал дека основниот начин за решавање на проблемот со безбедноста на пловидбата во Ормутскиот теснец е што поскоро да се постигне прекин на огнот.
Тој додаде дека Кина постојано се залага за политичко решение за кризните жаришта преку дијалог и преговори.
Разговорот меѓу двајцата министри се одржа пред гласањето на Советот за безбедност на ОН следната недела за предложената резолуција на Бахреин за заштита на комерцијалниот превоз во и околу Ормутскиот теснец.
Како постојани членки на Советот за безбедност, Кина и Русија треба да заземат објективен и избалансиран пристап и да работат на обезбедување поширока поддршка од меѓународната заедница, рече Ванг, според соопштението од кинеското министерство.
Кина постојано повикува на прекин на огнот во регионот на Персискиот Залив и на Блискиот Исток, апелирајќи за прекин на конфликтот што трае повеќе од еден месец, кој во голема мера го затвори Ормутскиот теснец, клучен пат за транспорт на нафта и гас.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата