Меѓународното внимание е сè повеќе насочено кон Николас Мадуро Гера, синот на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, откако американските власти открија обвиненија во кои се детално опишани неговата наводна улога во меѓународните операции со дрога.
Во документите на американската правда, Николас Ернесто Мадуро Гера е наречен „Принцот“.
Американската администрација ги обвини Николас Мадуро, неговата сопруга Силија Флорес и нивниот син за трговија со дрога, наркотероризам и злосторства поврзани со оружје. Според обвинителите, семејството учествувало во заговор насочен кон шверц на големи количини кокаин во Соединетите Држави, во соработка со колумбиски герилски групи, мексикански картели и венецуелски криминални структури.
Кој е „Принцот“?
Николас Ернесто Мадуро Гера е роден во 1990 година и е син на претседателот на Венецуела од неговиот прв брак со Адријана Гера Ангуло. Со текот на годините, тој се сметаше за политичка фигура во подем, а во некои кругови се споменуваше како можен наследник на неговиот татко. Тој беше член на Националното собрание на Венецуела, а во јавноста е познат по прекарите „Николасито“, но и она што е пораспространето и поинтересно - „Принцот“.
Федералните обвинители на САД го опишуваат како еден од клучните актери во мрежа за трговија со дрога која, според обвинението, користела владини ресурси, воен персонал и политичко влијание за да донесе кокаин од Венецуела на американскиот пазар.
Обвинението
Во обвинението се наведува дека помеѓу 2014 и 2015 година, Мадуро Гера наводно патувал на островот Маргарита двапати месечно со државен авион „Фалкон 900“ на PDVSA. Според обвинителите, авионот бил натоварен со големи количини кокаин пред секој лет, а воениот персонал знаел каков товар се транспортира. Во една изјава под заклетва се наведува и дека Мадуро Гера се фалел дека авионот може да лета каде што сака, вклучително и во воздушниот простор на САД.
Понатаму се тврди дека во 2017 година тој ја координирал испораката на стотици килограми кокаин до Мајами, додека Њујорк и други американски пристаништа се сметале за потенцијални дестинации, вклучително и планови за шверц на дрога преку товарни контејнери.
Според обвинението, Мадуро Гера е поврзан со Картел де лос Солес, наводна организација за дрога која, според американските власти, е составена од високи функционери на венецуелската влада. Обвинителите тврдат дека членовите на картелот користеле авиони на PDVSA, претседателски хангари и дипломатски канали за да ги заштитат пратките и да избегнат спроведување на законот. Исто така, се тврди дека приходите од трговијата со дрога биле користени за финансирање на политички кампањи, вклучително и оние поврзани со Силија Флорес.
Американските сили ги уапсија венецуелскиот претседател Николас Мадуро и неговата сопруга во раните утрински часови во саботата, по што беа префрлени во Њујорк. Сегашната локација на нивниот син сè уште е непозната за јавноста. По апсењето на таткото, Мадуро Гера ги повика граѓаните на протест.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата