Француски државјанин, кој не престојувал на крузерот „MV Hondius“, зафатен од епидемија на хантавирус, наводно се разболел од смртоносниот вирус откако летал со истиот авион со заразен патник.
Ова е првиот забележан случај на инфекција кај лице кое не било на бродот „MV Hondius“, што ги потврди стравувањата дека вирусот официјално пристигнал на европско тло.
Овој инцидент се случува во екот на драматична медицинска евакуација на повеќе лица од „уклетиот“ крузер, на кој досега три лица починале како последица на епидемијата.
Медицински евакуации и лекување во Европа
Еден од патниците од бродот моментално се лекува во Швајцарија. Тамошното Министерство за здравство го потврди случајот, нагласувајќи дека Универзитетската болница во Цирих е целосно опремена за грижа за вакви пациенти и дека во моментов не постои ризик за швајцарската јавност.
Компанијата „Oceanwide Expeditions“, која управува со бродот, соопшти дека три пациенти се префрлени со специјализирани авиони поради акутни симптоми.
Двајца од нив се испратени во Холандија – станува збор за холандски член на екипажот и германски патник, кој дополнително ќе биде префрлен на лекување во Диселдорф.
Третиот евакуиран е британски бродски лекар кој, како што се верува, се заразил додека лекувал пациенти. Иако шпанскиот министер за здравство наведува дека тој сега е во „постабилна состојба“ по критичниот период, локацијата на овој лекар станала мистерија.
Локалните власти на Тенерифе тврдат дека неговиот медицински лет од Зеленортските Острови бил откажан. Во меѓувреме, уште еден 69-годишен Британец се бори за живот во болница во Јужна Африка.
Паника поради „супер-преносители“ и потрага по патниците од летот
Властите во моментов водат трка со времето за да ги пронајдат контактите на 69-годишна Холанѓанка, за која се стравува дека била таканаречен „супер-преносител“.
Жената, инаку сопруга на еден од починатите патници, се искрцала од крузерот на 24 април на островот Света Елена со сериозни гастроинтестинални симптоми.
Веќе следниот ден, на 25 април, одлетала за Јоханесбург, каде што набргу починала од овој редок вирус.
На тој лет имало до 114 патници и членови на екипажот.
Експерти од Американската војска за инфективни болести предупредуваат дека андскиот сој на хантавирус – кој е изолиран кај патниците – е исклучително склон кон „супер-ширење“ и се пренесува од човек на човек, за разлика од вообичаените соеви кои се шират исклучиво преку контакт со измет од глодари.
Политички судир околу пристанувањето на крузерот во Шпанија
Бродот „MV Hondius“ испловил од аргентинското пристаниште Ушуаја на 1 април.
Шпанското Министерство за здравство потврди дека ќе го прифати бродот во согласност со меѓународното право, истакнувајќи морална и законска обврска да помогне, со оглед на тоа што меѓу патниците има и шпански државјани.
Меѓутоа, регионалниот лидер на Канарските Острови, Фернандо Клавихо, остро ја осуди таа одлука, тврдејќи дека нема доволно информации кои би ја смириле јавноста и гарантирале безбедност за жителите на островите.
– Оваа одлука не е заснована на никакви технички критериуми, ниту постојат доволно информации за да се увери јавноста или да се гарантира нивната безбедност. Не можам да дозволам да влезе на Канарските Острови – изјави Клавихо.
Портпаролот на Канарските Острови, Алфонсо Кабело, праша зошто пациентите не биле евакуирани порано, преку аеродромот на Зеленортските Острови, наместо екипажот и патниците да поминуваат дополнителни денови на море.
Кабело додаде дека спротивставените изјави на експертите за природата и можните мутации на овој сој внесуваат дополнителна нервоза меѓу населението.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата