Предлогот за нуклеарен договор што САД му го дадоа на Иран во саботата би овозможил ограничено збогатување на ураниум со ниско ниво на иранска почва за временски период што ќе се утврди дополнително, објави Аксиос.
Според предлогот, на Иран нема да му биде дозволено да гради нови постројки за збогатување ураниум и ќе мора да „демонтира критична инфраструктура за конверзија и преработка на ураниум“, како и да ги суспендира новите истражувања.
Според договорот за иранската нуклеарна програма, на Иран нема да му биде дозволено да развива домашен капацитет за збогатување ураниум, освен оние што се неопходни за цивилни цели, а по потпишувањето на договорот, Иран ќе мора привремено да ја намали концентрацијата на збогатување на три проценти.
Подземните постројки за збогатување на Иран ќе мора да станат „нефункционални“ за временски период договорен од страните, а активностите за збогатување во надземните постројки на Иран ќе бидат привремено ограничени на нивото потребно за гориво на нуклеарните реактори, според упатствата на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).
Според предлогот, договорот за нуклеарната програма на Иран би воспоставил „робустен систем за следење и верификација“, вклучително и непосредно одобрување на Дополнителниот протокол на МААЕ.
Во предлогот се наведува дека олеснувањето на санкциите ќе биде одобрено само откако Иран „покаже вистинска посветеност“.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаеи, денес изјави дека американската страна не дала доволно гаранции во врска со тоа кога и како ќе бидат укинати санкциите.
Тој рече дека Техеран сè уште го разгледува предлогот на САД и „донекаде го отфрлил“ тврдењето на САД дека нивната понуда е „прифатлива“ за Иран.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата