logo
logo
logo

Ескалација на судирите меѓу Израел и Иран: Ракетирана болница и засилени тензии

Vecer | 19.06.2025

Ескалација на судирите меѓу Израел и Иран: Ракетирана болница и засилени тензии

Најмалку 89 лица се повредени откако иранска ракета ја погоди болницата во израелскиот град Бершеба, а ракетни удари беа извршени и врз станбени згради во Рамат Ган и Холон. Од Иран тврдат дека целта бил воен објект во близина на болницата, но израелските власти обвинуваат за намерно гаѓање на цивилни цели, наведувајќи ја болницата Сорока како пример.

Она што Иран го прави со балистички ракети против цивилни центри не нè изненадува. Веќе децении отворено се декларираат за уништување на израелската држава. Тоа не се само зборови – последните шест денови, беа лансирани над 450 балистички ракети и стотици дронови.

Портпарол на израелските одбранбени сили

По овој напад, израелските власти реагираа бурно и го означија инцидентот како најтежок удар нанесен од Иран досега. Министерот за одбрана Израел Кац го посочи иранскиот лидер Али Хамнеи како главен виновник, изразувајќи отворена закана кон него:

Ги утврдивме целите на војната: елиминација на нуклеарната закана и ставање крај на ракетните напади. На армијата ѝ беше наредено дека овој човек повеќе не смее да постои.

Израел Кац, министер за одбрана

Во текот на ноќта, Иран изврши досега најмасовен ракетен напад врз Израел, лансирајќи 20 до 30 балистички ракети во два бранови. Според информациите, болницата Сорока била погодена во вториот бран, околу 7 часот наутро. Пред овие напади, израелските воздушни сили извеле удари врз неколку ирански локации, вклучувајќи производствен комплекс за тежок водород во Арак.

Утрово околу 6 часот бевме сведоци на директна агресија. Нашата противвоздушна одбрана одговори енергично, и само два непријателски проектила паднаа во близина на нуклеарниот објект Шохадаје Кондаб.

Репортер на иранска државна телевизија

Иако израелски напади беа насочени кон нуклеарната програма на Иран, експертите уверуваат дека нема ризик од катастрофа како Чернобил или Фукушима, бидејќи во овие постројки нема реактори, туку се произведува гориво за реактори.

Многу внимание се насочува кон иранската нуклеарна програма зашто ги збогатува суровините до 60 проценти, мал чекор до 90 проценти колку што е потребно за оружје. Реакторот за тешка вода произведува плутониум, кој служи како гориво за атомско оружје.

Џон Гамбрел, новинар

Во исто време, американските медиуми пренесуваат дека се разгледува план за воздушни напади врз Иран, чија реализација ќе зависи од тоа дали Техеран ќе се откаже од нуклеарната програма. САД продолжуваат да го засилуваат военото присуство – третиот носач на авиони е испратен во Средоземното Море, што укажува на можно вклучување во конфликтот.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk