Американската војска синоќа соопшти дека запленила уште еден танкер поврзан со Венецуела во Карипското Море, седма такво заплена откако американскиот претседател Доналд Трамп ја започна својата кампања за контрола на венецуелската нафта.
Јужната команда на САД, која надгледува неколку воени бродови и илјадници војници во регионот, соопшти дека моторниот брод Сагита е приведен „без инциденти“.
Во соопштението се додава дека заплената на танкерот, кој работел спротивно на карантинот за санкционирани бродови во Карипското Море, ја покажува решеноста на САД да обезбедат единствената нафта што излегува од Венецуела да се извезува на координиран и законски начин.
Администрацијата на Трамп ја фокусираше својата стратегија за надворешна политика во Латинска Америка на Венецуела, со цел да ја преземе контролата врз нејзините нафтени ресурси.
По апсењето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро на 3 јануари, САД планираат долгорочно преземање на нафтената индустрија на Венецуела.
Претходно запленетите танкери биле или под санкции на САД или биле дел од „флота во сенка“ - бродови што го прикриваат своето потекло за да транспортираат нафта од земјите под санкции, вклучувајќи ги Иран, Русија и Венецуела.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата